
Компаниите и поединците во нив се двигатели на одржливиот развој. Ги бараме најдобрите практики на компаниите во Северна Македонија за да ги одликуваме приодите коишто прават значајни чекори кон одржлив развој создавајќи подобро општество. Придружете ни се во прославата на најдобрите практики и иновации што трансформираат и градат подобра иднина на нашата држава.
Наградите ги доделува Клубот на одговорни бизниси на Конект во партнерство со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија.
Категории
Оваа награда е за компании коишто покажуваат лидерство и иновативни решенија за зачувување на природата и намалување на негативните влијанија од климатските промени. Доколку имате системи што намалуваат CO2 емисии, одржливо управувате со природните ресурси, имате практики кои водат до циркуларна економија, го штитите биодиверзитетот и обновата на природата, се грижите за нула отпад и слично аплицирајте за ова одликување. Бараме практики кои ги надминуваат законските обврски и имаат докажана стратешка посветеност со мерлив придонес за подобра животна средина во Република Северна Македонија.
Проектите може да вклучуваат (илустративно):
Намалување на климатски влијанија: Иницијативата придонесува за ублажување на ефектите од климатските промени преку конкретни мерки и активности.
Намалување на CO₂ емисии: Се применуваат технологии, процеси или практики кои водат до значително намалување на емисиите на стакленички гасови.
Циркуларна економија и управување со отпад: Се воведуваат модели за повторна употреба, рециклирање и минимизирање на отпадот, вклучително и нула отпад.
Еколошка иновација: Се користат иновативни решенија за заштита на животната средина, енергетска ефикасност или одржливо производство.
Заштита и обнова на биодиверзитетот: Се спроведуваат активности за зачувување на природните екосистеми, растителни и животински видови и нивна регенерација.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
Лидерство: Како лидерството на компанијата е вклучено во проектот?
Стратегија: Како проектот се поврзува со бизнис стратегијата и делувањето?
Активности и процеси: Детали за преземените активности, ресурси и временска рамка
Вклученост на засегнати страни: Кои чинители се вклучени и на кои начини?
Влијание: Како проектот придонел за одржлива промена? Кои се постигнатите резултати, ефекти и влијанија поддржано со квантитативни и квалитативни податоци (до 750 зборови)
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде >>
Промените не може да ги направиме сами. Меѓусекторската соработка на бизнис секторот, институциите, граѓанските организации и други чинители е неопходност во одржливиот развој. Оваа награда ги одликува компаниите коишто преку партнерства со други сектори и граѓански организации создаваат значајни промени. Ако вашата компанија проактивно поттикнува меѓусекторска соработка или креира платформи за активација на другите сектори и гради успешни партнерства кои поттикнуваат одржлив развој и градат трајни промени, аплицирајте за оваа категорија. Трагаме по проекти во кои компанијата ја користи својата моќ (мрежи, ланец на добавувачи, човечки ресурси и друго) и ја става на располагање за други (граѓански организации и чинители) за прибирање ресурси и заедничко работење за одржлив развој.
Во проектите компанијата поттикнува проактивно меѓусекторска соработка, креира можности за активација и вклучување на други сектори, заеднички работи со граѓански организации, институции и други чинители. Проектите можат да креираат и нови простори и платформи за соработка насочена кон одржлив развој.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде>>
Почитувањето на човековите права е обврска на сите сопственици на бизниси менаџери(-ки) и вработени. Трагаме по посветени компании со позитивни практики за унапредување на човековите права во деловната средина. На овој начин, ја поттикнуваме усогласеноста на бизнисите со Водечките принципи за бизнис и човекови права на ОН и Целите за одржлив развој. Ги повикуваме сите компании кои сметаат дека се пример за други да се пријават за награда. Оваа награда е за компаниите кои ги интегрираат човековите права во своите деловни активности. Ако јасно сте ги идентификувале ризиците од вашиот бизнис врз човековите права, преземате мерки за намалување на можните негативни влијанија (од вашиот производ/услуга, врз вработените, врз локалната заедница и сл.), и делувате кон унапредување на човековите права аплицирајте за оваа награда.
Успешниот проект за оваа категорија би вклучил јавно декларирана посветеност на човековите права која се вградува во политиките и пренесува преку ланецот на добавувачи. Трагаме по примери на добри практики на проценка на ризиците и влијанијата на човековите права од деловното работење и примена на мерки како дел од водењето одговорен бизнис. Компаниите што го заслужуваат ова признание ја применуваат својата моќ за заштита и унапредување на човековите права, се грижат нивните производи/услуги да не се користат за прекршување на човековите права, имаат практики за инклузија и диверзитет, ги надградуваат и штитат работничките и социјални права и креираат средини на родова рамноправност. Примената на функционални механизми за превенција од повреди на човековите права, претходна проверка, заштита, поплаки и надомест на штети е значаен дел од водењето бизнис за компаниите што ја заслужуваат оваа награда.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
Лидерство: Како лидерството на компанијата е вклучено во проектот?
Стратегија: Како проектот се поврзува со бизнис стратегијата и делувањето?
Активности и процеси: Детали за преземените активности, механизми и ресурси?
Вклученост на засегнати страни: Кои чинители се вклучени и на кои начини? Информации за синдикално здружување и/ли консулатации со вработените.
Влијание: Како проектот придонел за поставените критериуми? (до 750 зборови, поддржано со квантитативни и квалитативни податоци)
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде>>
Им благодариме на корпоративните добри соседи. Оваа награда е за компаниите што се препознаени по вложувањето во заедниците во кои делуваат и создаваат позитивни промени. Ако вашата компанија ја поддржува трансформацијата на заедницата и се грижи за нејзиниот одржлив развој преку механизми на филантропија, поддршка и партнерства, аплицирајте за оваа награда.
Ќе ги одликуваме компаниите што имаат проактивен приод во утврдување на потребите на заедниците низ дијалог и директна комуникација за да инвестираат во одржливи практики што носат трајни решенија за предизвиците. Компаниите што се добри соседи активно соработуваат со локални чинители – институции, граѓански организации, неформални групи и други за да придонесат за економски, социјален или еколошки напредок на заедницата. Добрите приоди ги вклучуваат и мотивираат вработените, клиентите и други актери во активности за добробит на заедницата.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
Лидерство: Како лидерството на компанијата е вклучено во проектот?
Стратегија: Како проектот се поврзува со бизнис стратегијата и делувањето?
Активности и процеси: Детали за преземените активности, ресурси и временска рамка
Вклученост на засегнати страни: Кои чинители се вклучени и на кои начини?
Изјава од партнер/ри (не влегува во вкупниот обем на зборови)
Влијание: Како проектот придонел за поставените критериуми? (до 750 зборови, поддржано со квантитативни и квалитативни податоци)
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде>>
Добрите работодавачи знаат дека задоволството на вработените е клучно за успехот на бизнисот. Оваа награда е наменета за организации кои своите луѓе ги ценат многу повеќе од обичен ресурс. Ако вашата организација има иницијативи што овозможуваат пристојна работа, родова рамноправност, инклузивност, баланс меѓу приватниот и професионалниот живот, адаптација на работните места според индивидуалните потреби, и вложува во личен развој и раст – аплицирајте.
Трагаме по компании што создаваат работна средина во која вработените се чувствуваат вреднувани, слушнати и поддржани – не само како професионалци, туку и како личности со уникатни животни околности. Компаниите што ја заслужуваат оваа награда применуваат стратешки пристап кон добросостојбата преку политики и механизми за родова рамноправност и семејна одговорност обезбедувајќи системска грижа. Тие промовираат еднакви можности, овозможуваат глас и учество на вработените преку двонасочна комуникација и синдикално организирање и ја олеснуваат усогласеноста меѓу работните и личните обврски и предизвици.
Ги цениме работодавачите кои обезбедуваат правичност и недискриминација во сите процеси, нудат флексибилни работни аранжмани за вработените да им бидат партнер(к)и во успехот.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
Лидерство: Како лидерството на компанијата е вклучено во проектот?
Стратегија: Како проектот се поврзува со бизнис стратегијата и делувањето?
Активности и процеси: Детали за преземените активности, ресурси и временска рамка
Вклученост на засегнати страни: Кои чинители се вклучени и на кои начини?
Консултации со вработените: Како компанијата го вклучува синдикатот, советот на вработени или други тела за консултации со вработените?
Примери од практична примена и ефекти: наведете примери, мерки и сведоштва(не влегува во вкупниот обем на зборови)
Влијание: Како проектот придонел за поставените критериуми? (до 750 зборови, поддржано со квантитативни и квалитативни податоци)
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде>>
Образованието е најмоќната алатка за искоренување на сиромаштијата. Оваа награда е наменета за бизнисите коишто преку инклузивни, квалитетни и практично ориентирани образовни програми создаваат реални можности за луѓето да излезат од кругот на сиромаштија. Доколку овозможувате пристап до учење за ранливи групи, градите вештини што водат до вработување или самовработување, и имате мерливо влијание врз животите на луѓето – оваа награда е за вас.
Ги препознаваме компаниите што вложуваат во образованието како средство за економска мобилност, социјална инклузија и долгорочна трансформација на заедниците. Наградата ги истакнува оние проекти што се достапни за маргинализирани и социјално исклучени групи и кои применуваат современи, интерактивни и практични методи на учење со фокус на функционална писменост, дигитални и професионални вештини. Трагаме по иницијативите што водат кон конкретни економски резултати – како вработување, самовработување или зголемени приходи – преку директна поврзаност со пазарот на труд. Дополнителна вредност е програмите да се долгорочно одржливи, финансиски и институционално стабилни имајќи мерливи резултати. Дополнително, се охрабруваат иновативни пристапи и партнерства со различни чинители, вклучувајќи јавни институции, академски и образовни организации, приватниот сектор и граѓанското општество.
Оваа награда е признание за компаниите што преку образование отвораат врати кон подобра иднина и напуштање на кругот на сиромаштија.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
Лидерство: Како лидерството на компанијата е вклучено во проектот?
Стратегија: Како проектот се поврзува со бизнис стратегијата и делувањето?
Активности и процеси: Детали за преземените активности, ресурси и временска рамка
Вклученост на засегнати страни: Кои чинители се вклучени и на кои начини?
Изјава од корисник/чка (не влегува во вкупниот обем на зборови)
Влијание: Како проектот придонел за поставените критериуми? (до 750 зборови, поддржано со квантитативни и квалитативни податоци)
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде>>
Оваа награда е наменета за компаниите и социјалните претпријатија што преку своето делување креираат производи или услуги што носат дополнителна општествена вредност и се пример за одржливост. Доколку вашиот производ или услуга не само што им служи на клиентите, туку и придонесува за решавање на општествени или еколошки предизвици – оваа награда е за вас.
Ги препознаваме компаниите и социјалните претпријатија што ги применуваат приодите на циркуларната економија. Тие иновираат со цел да создадат позитивно влијание врз заедницата и животната средина. Наградата ги истакнува производите и услугите што решаваат конкретни проблеми – како намалување на отпад, пристап до здравствени и образовни услуги, енергија или инклузија на ранливи групи. Се вреднува интегрираниот пристап кон одржливост низ целиот животен циклус – од дизајн, преку производство, до употреба и отстранување.
Компаниите и социјалните претпријатија што ја заслужуваат оваа награда применуваат етички и инклузивен пристап, обезбедуваат пристапност за различни групи и ги почитуваат човековите права. Тие демонстрираат пазарна одржливост и потенцијал за раст, со јасна стратегија за долгорочно влијание. Дополнително, се применува одговорен маркетинг што стимулира свесен и одржлив консумеризам, а често се работи и за социјални претпријатија што ги ставаат луѓето и планетата пред профитот.
Оваа награда е признание за оние што преку своите производи и услуги градат подобро општество.
Потребни информации за аплицирање: Опис на проектот/иницијативата (до 1.500 зборови) вклучува:
<<линк до формулар за аплицирање>>
Преземете word верзија од формуларот за аплицирање <<овде>>
Во чест на Горан Лазаревски – човекот кој со својата визија, посветеност, лидерство и неуморна работа зад себе остави неизбришлива трага во областа на општествената одговорност и одржливиот развој во Северна Македонија, ја воспоставуваме оваа повелба „Горан Лазаревски“ за кариера во бизнис секторот посветена на одржливиот развој.
Горан беше лидер кој ги живееше вредностите што ги застапуваше: одговорност, интегритет, соработка и посветеност на општествениот развој. Како претседател на Управниот одбор на Конект, прв претседател на Координативното тело за општествена одговорност при тогашното Министерство за економија, извршен директор и менаџер на проекти што го движеја одржливиот развој, национален претставник и претседател на Глобалниот договор на ОН во земјата, автор, ментор и иницијатор на меѓусекторски развој градејќи партнерства помеѓу бизнисот, граѓанскиот сектор и институциите. Во плодното работно искуство освен во бизнис секторот се вбројуваа и ангажмани за поддршка на граѓаскиот сектор, меѓународни организации и развојни агенции.
Горан беше наш пријател – тој беше столб на нашата заедница и извор на животно искуство, експертиза, поддршка, мудрост и менторство со оној негов препознатлив хумор.
Оваа повелба не е само признание за заслуги. Таа е сведоштво за живот посветен на вредности и начин да го чуваме неговото дело живо, да ги пренесеме неговите принципи на идните генерации и да ги инспирираме оние кои веруваат дека одржливоста не е само цел – туку начин на живеење и дејствување.
Начин на аплицирање:
За аплицирање за ова признание, неопходно е кандидатите да бидат државјани на Република Северна Македонија.
Писмо за кандидатура од работодавач од бизнис секторот со образложение за исполнување на описот на повелбата (опис на влијание)
Кратка професионална биографија CV поднесена од кандидатот
Процес на аплицирање

Евалуација и селекција на финалисти
Оценување и објавување резултати
Контакт за повеќе информации
Целиот повик е достапен за преземање на следниот линк.