Ознака за доверба

Ознаката за доверба е сеопфатен, само-регулирачки механизам што по темелни проверки се доделува на граѓански организации (ГО) што применуваат најдобри меѓународни практики во работењето. Така ја градиме доверба во ГО, а на граѓаните и на компаниите им препорачуваме проверен избор на ГО со „Ознака за доверба“ каде нивните донации и поддршка се сигурни и со посакувани ефекти.).

Зошто да донирате во организација што ја поседува ознаката за доверба?

  • Бидејќи организацијата со ознака за доверба е транспарентна и отчетна организација;
  • Може да добиете да ги добиете сите информации за нејзиното работење на веб платформата на Конект;
  • Бидејќи организацијата поминала низ процес на целосна проверка на нејзиното работење;
  • Организацијата работи на повисоко ниво на стандарди и принципи кои се над законскиот минимум за граѓански организации;
  • Проверката на ГО ја врши одбор составен од експерти од ревизорски куќи, менаџери на човечки ресурси, експерти за односи со јавнос и експерти од граѓанскиот сектор.

Начин на стекнување со ознаката за доверба

За да може една ГО да ја добие ознаката за доверба таа треба да помине низ процес на:

  • Само оценување со пополнување на прашалник;
  • Оценување од одборот на ознаката за доверба;
  • Доделување на ознаката за доверба.

Кој стои позади одборот на ознаката за доверба

Ознаката за доверба ја доделува одбор којшто е составен од 10 независни члена – експерти од областа граѓанскиот сектор, бизнисите и ревизорските куќи. Одборот е составен од следниве членови:

  • Никица Кусиникова – извршна директорка на Конект;
  • Емина Нурединовска – експертка, Европски центар за непрофитно право;
  • Магдалена Славејкова – менаџер за човечки ресурси во цементарница УСЈЕ;
  • Николаки Миов – овластен ревизор и менаџер за сектор на ревизија и ИТ во Ефект плус;
  • Анѓелка Пеева Лауренчиќ – директор на Имиџ ПР;
  • Борче Смилевски – раководител за даноци во Дилоит ДОО;
  • Александра Савевска – соработничка на проект, Македонски центар за меѓународна соработка;
  • Дијана Рикаловска – заменик овластено лице во одделот за усогласеност со прописи и спречување перење пари и финансирање теророизам, Шпаркасе Банка АД Скопје;
  • Соња Бојаровска – член со искуство во ООП;
  • Славко Лазовски – експерт за даночни прашања.

Одборот на ознаката за доверба детално го разгледува работењето на граѓанските оргазаниции коишто аплицирале за добивање на ознаката за доверба и одлучува дали пријавените организации ќе ја добијат ознаката. Организациите коишто не ги задоволуваат критериумите за добивање на ознаката за доверба ќе добијат насоки како да го подобрат работењето на организација за да може во иднина да аплицираат повторно и да ја добијат ознаката.

Принципи и критериуми на ознаката за доверба

За да ја стекне ознаката за доверба, ГО треба да се придржува кон одреден сет на принципи и критериуми во следните области:

  • Мисија и вредности;
  • Демократско управување на организација;
  • Финансиско управување;
  • Транспарентност и известување;
  • Комуникација и застапување;
  • Прибирање на средства;
  • Човечки ресурси.

За да го започнете процесот на добивање на ознаката за доверба пополнете го <<Прашалникот за само-оценка>>, повеќе за неговото пополнување може да прочитате во <<Водичот за пријавување>>.

Механизам на поплаки

Доколку некоја од организациите што имаат Ознака за доверба, а сметате дека не задоволува некој од критериумите или пак ги прекршува принципите можете да напишете поплака на konekt@konekt.org.mk. Дополнително, можете и да ни препорачате организации што сметате дека треба да се стекнат со ознаката.

Организации со ознака за доверба од целосно ниво
  • Фондација за образовни и културни инцијативи Чекор по чекор
  • ХОПС – Опции за здрав живот Скопје
  • Отворете ги прозорците
  • Сојуз на извидници на Македонија
  • Македонска асоцијација на земјоделски задруги – МАЗЗ
  • Кризен центар Надеж Скопје
  • Организација на жените на општина Свети Николе
Организација со Ознака за доверба од основно ниво
  • Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК

„Не само што не запознавте со Ознаката за доверба, туку ни го дадовте патоказот како да се движиме во рамки на градење на силни граѓански организации.“

– Славица Тасева, Претседателка на Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК Скопје.