Добротворен новогодишен базар

10 декември 2024 | 15:25

Придружете нѝ се на настанот што ја заокружува националната кампања за филантропија „Денови за донирање“.

Во недела на 15.12.2024 од 11:00 часот до 17:00 часот во East Gate Mall дојдете на добротворниот новогодишен базар. Со купување уникатни производи и новогодишни подароци директно ќе ја поддржите работата на социјалните претпријатија и занаетчиите, а истовремено ќе донирате во донаторскиот фонд на Конект за важни промени во општеството и заедниците. 💟

🎁 Автентични ракотворби, органски и природни производи, изработки од реупотребени и рециклирани материјали – ова е само дел од понудата.

Во продолжение прочитајте повеќе детали за производите, учесниците и детските работилници:

  • Македонски ракотворби – Битола: Тие работат на зачувување и промовирање на македонската култура и традиција, како и на развој на културниот туризам и креативната економија. Помогнете им полесно да ја остварат својата цел – олеснет пристап на жените до пазарот на труд преку изработка и продажба на ракотворби.
  • О – КРУГ: Миризливи производи со масло од портокал направено од корите на овошјето што можеше да биде и обичен отпад. Ова социјално претпријатие им дава шанса на младите кои потешко наоѓаат работа од останатите.
  • Кризен Центар „Надеж“: Погледнете го широкиот избор на новогодишни производи и украси што тие го нудат. Одберете си новогодишни венчиња и украси изработени од млади и искусни креативци за да им помогнете на жените и децата жртви на семејно насилство.
  • Мама Органа: Социјално претпријатие кое од био-отпад произведува природно ѓубриво и почвени супстрати погодни за органско градинарство. Со употребата на нивниот сет за садење ќе добиете здрави градинарски производи, а ќе помогнете и во креирање на вредности и приходи за самохраните мајки.
  • БИЛКИЛАЈФ: Производи од лековити билки како колачиња од лаванда и цветна сол. Со поддршка на овој Центар за хербализам, туризам и одржлив развој ќе помогнете во подобрување на пристапноста на туризмот за лицата со попреченост.
  • Колибата на дедо Душко – Еко фарма Беровко: Експлозија од вкусови и бои, прекрасни природни џемови и слатка, уникатни фигури на свеќи од пчелин восок. Вкусете ја природата во тегличка, украсете си го просторот, поддржете го нивното производство на овошни преработки од шумски овошја и диви самоникнати овошки собрани на одржлив начин.
  • Здружение на граѓани  – ЕКОВИТА: Вкусните тестенини од лековити печурки се уникатен производ. Пробајте и ќе помогнете ова социјалното претпријатие да продолжи во својата мисија да ги едуцира младите и маргинализираните групи за одржливо одгледување печурки, за така да заработуваат за живот.
  • ЦИП – ЦЕНТАР ЗА ИНТЕГРАЦИЈА И ПОДДРШКА: Модните производи и додатоци на ова претпријатие нека бидат дел од вашиот секојдневен урбан стил. Ре-дизајнираната мода е нов пристап за заштита на животната средина, а ЦИП вработува и поединци од ранливи групи.
  • Атеље „Добро ми стои”: Тука ќе најдете современи форми на накит од сребро, поврзан и инспириран од природата. Се користи и емајл во разни бои за да внесе радост во живеењето, како и разни камења, дури и од охридските плажи. Накит што зборува за важноста за заштитата на природата и Охридското Езеро. Дозволете си парче од овој накит, сакајте се себеси и природата.
  • Елена Ристовска: Таа создава уникатен современ накит кој комбинира традиционални техники со модерно креативно изразување, успешно поврзувајќи ги старите и новите вредности. Накит што мајсторски ги спојува техниката и креативноста, негувајќи го филигранското наследство.
  • Студио за магично плетиво:  Уникатни рачно плетени производи, кои ја спојуваат традицијата со урбаниот моден современ тек. Успеваат да го вметнат традиционално рачно изработениот накит во динамичниот живот на современата жена. Препознатливи се по изработката на ќостекот (плетен украс од монистра) и полу-драгите камења, како и накитот од жица (сребро и бакар).
  • Игнеа козметика: Оваа еко-арома луксузна природна козметика е креирана и произведена  по принцип на зелена хемија и фитотерапија. Изгледајте негувано, свежо и здраво, и поддржете ја нивната социјална мисија и цел за отворање работни места за мајки со мали деца кои би работеле во пријатна, мирна и релаксирана атмосфера.
  • Народни носии: Украсните минијатури на народни носии се одличен избор за промоција на нашето културното наследство, особено кога сакате да подарите нешто на некој близок во странство. Старите плетки добиваат нов живот преку изработките на двајца млади луѓе кои штотуку го започнаа овој подвиг. Бидете им ветар в грб.
  • АНАС: Единствени парчиња накит и модни додатоци изработени со рециклирани и реупотребени материјали. Наместо да завршат како отпад, овие материјали стануваат уникатен и уметнички моден производ кој ќе го збогати вашиот стил, воедно грижејќи се за зачувување на природата.
  • Уникатни рачни изработки „Јуник Корнер“: Автентични чанти и модни додатоци во духот на новогодишните празници. Употребуваат рециклирани ткаенини, остатоци од процесот на производство, вештачка кожа и плетки. Бидете им поттик да продолжат да учествуваат во проекти за помош на социјално ранливи категории.
  • Игри, играчки и декор „Матрјошка”: Рачно изработени играчки и игри кои ја поттикнуваат фантазијата на децата, ги развиваат нивните фини моторни вештини, ја стимулираат креативноста и ја негуваат интелигенцијата. Создадени и изработени со многу љубов, и предводени од идејата за создавање помалку отпад. Подарете ги на најмилите и поддржете го инклузивниот детски развој.
  • Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес: Во неколку куќи во Градско, со голема поддршка од Здружението, живеат наши сограѓани со попречености. Околу има полиња со невен и лаванда од кои прават миризливи органски сапунчиња, мевлеми и чаеви. Овие производи се двојно повредни зашто нивното создавање значи поактивен и достоен живот за овие наши сограѓани.
  • Уникат – Македонска Каменица:  Рачно изработени чанти, украси, шалчиња и капи, сплетени со посветеност и многу љубов. Оваа зима на вашите најблиски подарете им уникатни плетени производи и бидете поттик за продолжување на традиционалното ракотворство.
  • ХОПС: На специјална работилница се изработија овие маици што пренесуваат порака за љубов и поддршка на сите заедници кои егзистираат на маргините на општеството. „Љубовта зборува, таму каде што системот молчи“ е слоган што ќе го препознаете, а средствата од маичките ќе бидат насочени за работилница за родители со фокус на превенција и рана детекција на млади кои употребуваат дроги.
  • April22: Биоразградливи хулахопки со органски бои, збогатени со алое вера. Нивната анти-микробна технологија помага да се одржуваат свежи, додека AMNI-SOUL ECO технологијата овозможува хулахопките да се разградуваат 10-15 пати побрзо од обичните. Да ја зачуваме природата наместо да создаваме најлонски отпад.
  • YMCA: Закитете се со интересните беџови и маички изработени од млади што учат да се граѓански активисти. Поддржете ги активностите на YMCA и нивните програми за личен и професионален развој кои целат да ги подготват младите за кариера која ќе ги води кон успех.

🎅 Добротворниот новогодишен базар нуди интересни содржини и забава и за најмладите.

ДЕТСКИ РАБОТИЛНИЦИ

  • Џемперчињата ќе станат лампиони – Креативна работилница за деца со Ирина Тошева каде минијатурни џемперчиња од остатоци од филц ќе станат најомилениот лампион на новогодишната елка.
  • Новогодишни украси и елки од стари компјутерски делови – Заедно со Донирај Компјутер реупотребувамеелектроника и компјутерски делови за да ја разбудиме детската креативност и да создадеме неповторливи новогодишни орнаменти. Донирај Компјутер и нивната благородна мисија и истрајност се добро познати секому. Тежнеат секое дете или семејство да има компјутер. Донирајте им компјутер и помогнете да се оствари една детска новогодишна желба.

ЕДУКАТИВНИ ИГРИ

Едукативни компјутерски игри за деца – Отворете ги прозорците користи асистивна информатичка технологија која на децата со попреченост им помага да учат и да го остварат својот потенцијал. Играјте, донирајте и добијте ваучер за бесплатна проценка од стручниот кадар на логопеди и дефектолози.

🎄 И ЗА КРАЈ…

Елка на добри дела – и твоето добро дело што го направи годинава нека ја кити нашата елка. Запиши си и ветување за следната и направи нешто добро во новата 2025 година!