Поврзување на заедниците преку филантропија: Регионални искуства од студиска посета на Србија и БиХ

15 септември 2025 | 13:47

Во периодот од 14 до 17 јули 2025 година, делегација од 10 претставници од Северна Македонија, меѓу кои и претставници од седум локални граѓански организации (акциски јадра) (Струмица, Гевгелија, Охрид, Битола, Гостивар, Чаир  и Шуто Оризари) беше дел од студиска посета на Србија и Босна и Херцеговина. Посетата беше организирана од здружението „Конект“ – Скопје, како дел од регионалниот проект „Фондации на заедницата – зајакнување на локалната филантропија во Западен Балкан“ кој е финансиран од Европска Унија – Западен Балкан Фонд и се спроведува во партнерство со Фондација „Траг“ од Србија и „Фондација на заедницата Тузла“ од Босна и Херцеговина.

Целта на посетата беше размена на искуства и учење од успешни модели на фондации на заедницата (Community Foundations – CFs) кои активно работат на локален развој, граѓански активизам и негување на културата на донирање. Преку директни средби со фондации, претставници на заедницата и граѓански организации во Ниш, Стара Пазова, Бијелина и Тузла, учесниците се запознааа со различните пристапи и практики кои можат да се применат во основање и функционирање на идни локални фондации на заедниците во Северна Македонија.

📍 Во Ниш, учесниците се запознаа со работа на локалната фондација која преку транспарентно доделување грантови и инклузивни програми ги ангажира младите и маргинализираните групи. Интересни беа примерите за иновативно прибирање средства преку онлајн аукции и спортски турнири.

📍 Стара Пазова претстави помал, но доста ефикасен модел на фондација, со силна поддршка од општината и локалните бизниси. Учесниците добија и поширок преглед на движењето на фондации во Србија и БиХ преку презентација од Фондација „Траг“– клучната организација кога ги поддржува локалните фондации во Србија и БиХ.

📍 Во Бијељина, беше истакнато како фондација која произлегла од неформални пријателства и граѓански ентузијазам може да прерасне во доверлива институција која успешно соработува со локалните власти и други чинители.

📍 Тузла понуди инспиративен пример за младински активизам, културна ревитализација и меѓуетнички дијалог, со посебен акцент на прибирање средства преку тематски фондови за донации.

💡 Учесниците се вратија во земјава со нови знаења, инспирација и конкретни алатки за развој на локални иницијативи. Поврзувањето со посетените фондации отвора можности за регионална соработка, менторство и заеднички проекти.

Еден од учесниците на студиската посета истакна:

„Оваа студиска посета беше од големо значење. Имав можност да запознаам многу нови луѓе и организации, да стекнам нови знаења, како и нови начини и механизми на работа.“

Студиската посета ја потврди важноста на регионалната соработка за изградба на посилни, поврзани и одржливи заедници.

📽️ Погледнете го <<видеото>> од посетата кое го подготви тимот на „Конект“ и дознајте како си поминавме на студиската посета.