fbpx
Konekt Vrabotuva

ОГЛАС ЗА ВРАБОТУВАЊЕ – можност за работен ангажман во Конект

Здружението Конект е формирано со цел да ја унапредува филантропијата и општествената одговорност на претпријатијата (ООП) во Северна Македонија. Активностите на Конект вклучуваат: директни консултации и поддршка на претпријатијата, граѓански организации и поединци; застапување за политики и законска рамка што ќе овозможат опкружување што ќе ја поттикнува филантропијата и ООП; креирање на модели кои ќе го олеснат донирањето и општествената одговорност; поттикнување на соработка меѓу бизнисите и граѓанските организации; анализи и истражувања во областа на делување итн. Конект се финансира од странски донатори (УСАИД, ЕУ фондови и сл.), од бизнис секторот и нуди услуги во доменот на својата мисија.

За потребите на нашето работење бараме комуникативни, динамични и одговорни личности на работните места: Програмски соработник/чка (2 лица) согласно подолу наведените критериуми.

Покрај потребните квалификации, предност ќе имаат кандидатите кои активно се вклучуваат во развојот на своите заедници преку волонтерски ангажман, граѓански иницијативи и сл. Работните позиции се на определено време, со можност за трансформирање на работниот однос на неопределено време.

Доколку сте посветени, вредни, мотивирани и сакате преку работата да постигнете позитивни општествени промени, а притоа сакате да бидете дел од нашиот тим Ве молиме да доставите биографија (CV) и писмо за изразување на интерес по редовна или електронска пошта (со назнака: За програмски соработник) најдоцна до 22 ноември 2023 год. на:

Здружение Конект

Ул. „Ристо Шишков“ бр. 12-1/4

1000 Скопје, Северна Македонија

e-mail: konekt@konekt.org.mk

Програмски соработник/чка – 2 лица

Главните обврски на програмскиот соработник/чка се изготвување и спроведување на програмите и проектите на Конект вклучувајќи и поддршка во администрацијата и промотивните активности. Во 2024 година, фокусот на работењето ќе биде во рамки на проектите финансирани од УСАИД „Партнерства за донирање“ и „Здружи се за заедницата“ преку кои што ја развиваме филантропијата и општествената одговорност на национално и на локално ниво. Под раководство на извршната директорка, програмскиот директор и проектните раководители, меѓу другото, клучните задачи вклучуваат:

  • Обмислување и реализација на проектни активности;
  • Организација и испорака на обуки, работилници, настани и сл.
  • Креирање на содржини за веб платформите и социјалните медиуми на Конект;
  • Техничка и логистичка поддршка на проектните активности;
  • Поддршка на локални партнерски организации, реализирање на патувања како и спроведување на активности на национални ниво;
  • Подготовка на извештаи за реализираните активности и постигнувања;
  • Изготвување на комуникациски продукти;
  • Водење на записници од состаноци, средби итн;
  • Редовна комуникација и кореспонденција со проектните партнери и соработници на Конект, клиенти, корисници и соработници, закажување средби и информирање.

Работата во Конект е предизвик за оние кои сакаат професионално да се надградуваат во нови, иновативни области. Работното место нуди можности за стекнување на знаења и вештини, создавање на широка мрежа на контакти во различни сектори (граѓански организации, бизниси и институции на меѓународно, национално и локално ниво) и искористување на креативниот потенцијал во креирањето на програмите и работата на организацијата.

Потребни квалификации:

  • Диплома за завршено високо образование;
  • Најмалку 3 години работно искуство (граѓаски сектор/ институции/бизнис сектор);
  • Работно искуство во граѓанскиот сектор и работа на проекти со билатерални и/или меѓународни донатори;
  • Општо познавање на концептите на филантропија и општествена одговорност на претпријатијата, како и развојните потреби во општеството;
  • Одлична компјутерска писменост (задолжително познавање на Excel, Word и PowerPoint);
  • Активно познавање на англискиот јазик;
  • Искуството во спроведување на проекти;
  • Поседување комуникациски вештини и вештини за тимско работење;
  • Флексибилност.

За една од позициите Програмски соработник/чка се смета за предност работно искуство во активирање на граѓаните особено на локално ниво и/или познавање на албанскиот јазик.