Компаниите во Северна Македонија активно чекорат кон зелена транзиција. На 13 февруари 2026 година, во рамки на проектот „Еко дијалог кон ЕУ: Поттикнување на еколошки промени преку инклузивно застапување на политики“, кофинансиран од Европската Унија, се одржа обука со наслов „Бизнис сектор во зелена транзиција“. На обуката учествуваа 12 претставници од 10 компании, кои се вклучија во дискусија за најновите европски и национални регулативи и практични алатки за примена на ESG принципите и циркуларната економија.

Компаниите учат и применуваат
Обуката ја водеше г-ѓа Фросина Антоновска Јоскоска, експертка за животна средина со долгогодишно искуство. Таа на интерактивен начин ги воведе учесниците во основите на зелената транзиција и ги запозна со Европскиот Зелен договор, Зелената агенда за Западен Балкан и принципите на циркуларната економија. Компаниите добија конкретни насоки за тоа како да преминат од линеарен кон циркуларен модел на работење и како да ги интегрираат ESG принципите во своето корпоративно управување.
Анализа за текстилниот отпад – препораки за сите чинители

Презентацијата на „Анализа за состојбата со текстилниот отпад во Република Северна Македонија“, подготвена од Фондацијата за развој на локалната заедница Штип и здружението „АГОРА Центар за промовирање на граѓански вредности“, донесе значајни наоди и заклучоци. Анализата ја истакна потребата од системски пристап кон управувањето со текстилниот отпад и понуди клучни препораки насочени кон институциите, донаторите, компаниите, граѓаните и граѓанските организации.
Добри практики од бизнисите
Учесниците имаа можност да се запознаат и со студијата „Климатска акција и заштита на природата – студија на добри практики од локален бизнис сектор“, која презентира 11 позитивни примери од успешни компании во земјава. Студијата придонесе за промоција на добри и репликативни модели, едукација и подигнување на капацитетите во бизнис заедницата, како и за поддршка на застапувањето за подобрување на политиките за зелена и одржлива економија.
Посебно внимание привлече излагањето на директорот на компанијата „Везе Шари“, г. Абдулезел Догани, кој ја промовираше нивната одржлива практика – работата на првата биогасна централа на „Електрошари“. Оваа иницијатива покажа како локалните компании можат да инвестираат во производство на зелена енергија, да намалат емисии и да придонесат кон подобро управување со отпадот.

Дополнително, бизнисите беа запознаени и со концептот на информативната кампања „Еко еволуција: Од отпад до иднина“, која има цел да поттикне комуникација, видливост и активно учество на бизнисите во процесите на зелена транзиција, но и трансформација на јавното однесување кон зелени практики.
Настанот покажа дека бизнис секторот е подготвен да преземе активна улога во зелената транзиција. Компаниите ја препознаваат одржливоста како можност за раст и конкурентност, а размената на добри практики и препораки создаде основа за понатамошна соработка меѓу деловната заедница, институциите и граѓанското општество.
Обуката за компании „Бизнис сектор во зелена транзиција“ се спроведе во рамки на проектот „Еко дијалог кон ЕУ: Поттикнување на еколошки промени преку инклузивно застапување на политики“ е кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип (ФРЛЗ) во партнерство со здружението „Конект“и здружение „АГОРА Центар за промовирање на граѓански вредности“ Скопје.








