fbpx

Донаторскиот кружок е филантропија на дело

Кога помалите донации ќе се здружат, филантропијата станува моќна алатка за решавање на проблемите во општеството. Донаторскиот кружок е нашето солидарно друштво што донира заеднички и обмислено во граѓански организации.

По трет пат, на 09.06.2022 г. на летната тераса на ЕВН го организиравме донаторскиот кружок. Покрај дождливото време, нѝ се придружија над 70 сограѓани. Здружено дониравме за три граѓански организации на чии приказни и постигнувања никој не остана рамнодушен. Настанот беше можност да ја доживееме убавината на донирањето и силата на нашата поврзаност.

Беше возбудливо да се сведочи како донациите спонтано се умножуваат. Некои донираа семејно, други во име на своите сосетки или во чест на оние што не се веќе со нас. Едни со други досетливо се поттикнувавме за да ја оствариме целта. Секој дониран денар имаше еднакво значење.

Компаниите „ЕВН“, „Фармахем“, „Шпаркасе банка“ и „Сава пензиско друштво“ удвоија дел од донациите на граѓаните правејќи го донирањето од индивидуалци двојно повредно. Многу компании нѝ помогнаа за логистиката на настанот донирајќи свои производи и услуги. Ментори ги подготвуваа организациите приматели, а волонтерите од „Волонтерски центар Скопје“ осигураа сите присутни да се задоволни од организацијата.

Ова е единствениот настан за кој давам пари за да го водам.“ –  раскажуваше Огнен Јанески додека збирот на донации растеше и ја надмина целта. Низ забава, здруживме вкупно 424.528 ден. за иницијативи што долгорочно ја унапредуваат благосостојбата на нашите сограѓани и заедници. Дониравме за:

  • „Колектив Ветерница“ да го сними филмот „Алиса“ што ќе го прави група деца со и без попреченост. Филмот ќе го создаде инклузивниот ансамбл. Таму децата со попреченост стануваат главни ѕвезди, а нивната публика не вперува прст, туку силно аплаудира. Нивната работа менува животи, а сега ќе допре уште повеќе срца.
  • „Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство“ да го надополни интервентниот фонд што им помага и ги засолнува жените што се справуваат со насилство во итни ситуации. Донациите ќе подмират разни потреби: медицински и правни услуги, храна, домување, едукација за нивните деца итн. Изградивме мост за нашите сограѓанки од жртви да станат хероини.
  • „Центар за младински активизам Крик“ да го организира летниот камп кадешто ќе се здружат врсници со и без попреченост. Едни од други најдобро ќе научат и искусат дека разноликоста е предност. Во безбедна средина ќе учат и ќе уживаат во летните зајдисонца. Инвестиравме во нови генерации на млади што ќе градат сплотени заедници.

Трите внимателно одбрани и доверливи организации коишто ја добија поддршката од донаторскиот кружок ќе бидат помогнати од Конект за реализација на донациите и следење на постигнувањата. Конект им благодари на сите граѓани и компании коишто се дел од донаторскиот кружок. Го шириме кругот на оние што сакаат да ни се придружат, да планираат и да донираат. Пишете нѝ на konekt@konekt.org.mk за да бидете дел од донаторскиот кружок или да добиете совет за тоа каде паметно да ја вложите својата донација.

Фотографиите од кружокот се донација од Томислав Георгиев. Повеќе фотографии од настанот можете да најдете на овој линк.

Ова издание на кружокот се организира во рамки на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од Конект. Годишниот план за работа на Конект е поддржан од Цивика Мобилитас.