fbpx
DSC 9947

Дигитални алатки за развој на локална филантропија и вклученост на граѓаните во заедницата

На 23.08.2023 година, во Скопје се одржа промоцијата на проектот на УСАИД „Здружи се за заедницата“ каде беше презентиран моделот за развивање на филантропијата на локално ниво и зголемено вклучување на граѓаните во идентификување и решавање на предизвиците со кои тие се соочуваат во своето секојдневие. Преку употреба на дигитални алатки и присуство на терен, граѓаните ќе можат да одредуваат приоритети и заеднички да спроведуваат финанскиски решенија во својата локална заедница. Овој проект го спроведува асоцијацијата Конект и во првата фаза ќе соработува со шест општини: Гевгелија, Гостивар, Охрид, Струмица, Чаир и Шуто Оризари.

На промоцијата воведно обраќање имаше Никица Кусиникова, извршна директорка на Здружението Конект која истакна дека: „Нашиот развој како држава зависи од тоа колку се моќни заедниците во нејзе. Теренските истражувања ни покажаат дека се слаби врските помеѓу различните чинители: локалните институции, граѓанските организации, бизнисите, медиумите и други. Значајно е да работиме на овие релации и секоја општина, населба, маало или село она што го има како ресурси да го стави во функција на свој одржлив развој и да си ги решава проблемите на своите жители. Не треба да чекаме решенијата да дојдат од некаде горе, туку низ соработка треба заеднички да ги создаваме. Ниту една важна промена не може да биде направена од еден сектор. Се надеваме дека во овие 5 години ќе помогнеме да се создадат многу локални успешни приказни што покажуваат дека нашите заедници се витални и подготвени да инвестираат во својот напредок. Очекуваме поддршка од медиумите за добрите вести да одекнуваат и инспирираат други.”

Претставничката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл рече: „УСАИД одржува силно партнерство со македонскиот народ веќе 30 години. Како што земјата го продолжува својот пат кон целосна евроатлантска интеграција, нашиот фокус сѐ повеќе се насочува кон соработка со локалните организации. Заедно, имаме за цел да ги поттикнеме заедниците да планираат, финансираат и имплементираат решенија кои ги
задоволуваат нивните најитни потреби.”

Во рамките на Проектот, првично ќе бидат идентификувани граѓански организации кои имаат потенцијал да служат како „јадра“ за граѓаните да може да се вклучат активно во идентификување на проблемите и потребите на локалните заедници и да воспостават партнерства меѓу граќанските организации, приватниот сектор и општините со цел да се искористат сите локални ресурси во подобрувањето на живеењето во општините. Освен локалните акциски јадра, Конект им обезбедува на општините и на граѓаните и платформа за граѓанско учество „Комунити“ која овозможува директна комуникација меѓу граѓаните и општините околу решавањето на идентификуваните приоритети на заедницата. Целта е да се зајакне и олесни собирањето средства од локални донатори за овие иницијативи на инклузивен, ефективен и одржлив начин.

Воедно, на настанот беше презентиран Извештајот за проценка на капацитетите за самоодржливост во избраните општини, во кој се прикажани резултатите од истражувањето на нивото на соработка помеѓу локалната самоуправа, компаниите и граѓанските организации, и достапноста на локални ресурси. Генерален заклучок на извештајот е дека недостига системска меѓусекторска соработка помеѓу компаниите, граѓанските организации и локалната самоуправа која ќе ги вклучи сите чинители на сеопфатен начин. Компаниите се дел од заедницата и треба да бидат активно вклучени во локалниот развој и процесот на одлучување. Од друга страна, извештајот нотира дека постојат домашни ресурси кои би можеле да се мобилизираат од приватниот
сектор, како и ресурси кои би можеле да се мобилизираат преку меѓусекторски активности на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор кои ќе придонесат за самоодржливост на заедниците.

Настанот беше организиран од проектот на УСАИД „Здружи се за заедницата“, спроведуван од асоцијацијата Конект, a во партнерство со Фондацијата Аполонија, Индиго и ЕВН.