fbpx

Повик за граѓански организации за претставување на донаторски кружок

Конект посветено работи на унапредување на филантропијата, а тоа најдобро можеме да го постигнеме здружено. Донаторскиот кружок, ги здружува граѓаните што сакаат да донираат со граѓански организации што нудат решенија за предизвиците во нашите заедници. Многу проблеми што барале големи средства и координација се решени токму со помали донации од повеќе донатори.

Донаторскиот кружок е заедница на донатори и им овозможува на граѓаните да донираат плански и обмислено во граѓански организации од доверба што посветено работат на создавање позитивни промени.

Во пресрет на четвртиот донаторски кружок, Конект и иницијативниот одбор на донаторскиот кружок ќе одберат три доверливи организации. За таа цел објавуваме

П О В И К   З А   Г Р А Ѓ А Н С К И   О Р Г А Н И З А Ц И И

СО ИНИЦИЈАТИВИ ВО СОЦИЈАЛНОТО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

што ќе се претстават на донаторскиот кружок

Оваа година донаторскиот кружок ќе поддржи три граѓански организации исклучиво со иницијативи во социјално претприемништво. Право на учество согласно критериумите за подобност имаат сите заинтересирани домашни граѓански организации кои:

  • се формирани согласно Законот за здруженија и фондации, регистрирани најмалку една година пред објавата на овој повик;
  • се транспарентни, односно имаат јавно достапни годишни програмски и финансиски извештаи како и информации за управувачките структури и контакти;
  • се посветени на својата мисија, односно нивните активности соодветствуваат на нивната мисија и континуирано и отчетно работат на остварување на своите цели и за своите целни групи; и
  • со нивната работа не промовираат конкретна религија ниту се поврзани со политичка партија.

Ќе се одберат иницијативи во социјално претприемништво соодветни за поддршка од индивидуални донатори, а при селекцијата ќе се даде предност на граѓански организации со скромни финансиски и човечки ресурси. Ги покануваме заинтересираните организации да ја пополнат апликацијата за учество во прилог на повикот (достапна овде) и да ја достават до Здружението Конект по електронски пат на адресата konekt@konekt.org.mk.

Напомена: Вообичаено на донаторскиот кружок се собираат по 100.000 денари за секоја од трите организации.

Организациите што ќе бидат избрани за учество на донаторскиот кружок се согласуваат со следните услови:

  • да подготват 5-минутна презентација според насоките на Конект;
  • да обезбедат најмалку еден донатор (физичко лице) којшто ќе учествува на настанот и ќе биде подготвен/а да го донира бар почетниот износ (500 МКД) за нивната организација;
  • да потпишат договор за донација со Конект. За покривање на дел од трошоците за организација на самиот кружок и за администрирање на донациите, Конект задржува 7% од собраните средства.
  • да обезбедат редовна, повратна информација за наменско користење на донираните средства и кус извештај за постигнувањата.

Рокот за поднесување на апликациите е најдоцна до 02.05.2023 година на e-mail адресата konekt@konekt.org.mk.

Донаторскиот кружок е лиценциран модел на The Funding Network. Здружението Конект е партнер на The Funding Network во Република Северна Македонија и го има правото на спроведување и промовирање на нивната методологија во нашата земја.

Повеќе информации околу природата на самиот кружок може да погледнете тука. Доколку имате дополнителни прашања можете да ги поставите на истата е-маил адреса најдоцна до 26.04.2023 година.

Донаторскиот кружок е дел од активностите на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ спроведуван од Конект.

КОНЕКТ
ул. „Ристо Шишков” 12-1/4
1000 Скопје, Северна Македонија
тел: +389 2 3224 198
e-mail: konekt@konekt.org.mk
www.konekt.org.mk

www.bezkorupcija.mk