fbpx

Повик за граѓански организации и групи – придружи се на кампањата „Ден за донирање“ 

Дали сакате да направите промена во вашите заедници? Верувате ли во моќта на здружените донации? Ова е можност вашата граѓанска организациja или неформална иницијатива да прибере донации од граѓани и бизниси за вашите активности кои го менуваат животот на сограѓаните.

Проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“ ве повикува да се приклучите на кампањата „Ден за донирање“ што цели да ги поврзе полезните иницијативи ширум земјата со индивидуалните и корпоративните донатори за заеднички да ги постигнат промените што сакаат да ги видат во своите заедници. Филантропијата и здруженото донирање имаат таква моќ.

Што е „Ден за донирање“?

„Ден за донирање“ е кампања што се стремиме да прерасне во традиционален празник на филантропијата кај нас, што е насочена кон одржлив развој. На овој ден граѓаните, семејствата и компаниите ќе ја искусат радоста на заедничкото донирање поддржувајќи ги иницијативите на граѓанските организации и групи. Креираме движење кое решенијата на проблемите нема да ги чека од други, туку ќе ги земе во свои раце. Денот за донирање е планиран за 12 октомври 2023 година, а цела претходна седмица ќе биде полна активности. Ќе ги промовираме и поддржиме вашите активности за да приберете донации и ќе креирање посебен фонд на теми од интерес на донаторите за кој Конект ќе спроведува активности.

Како да се вклучите? 

Граѓански организации (здруженија и фондации), социјални претпријатија, граѓански иницијативи и групи во заедниците (формални и неформални) и креирање фондови за нивна поддршка се фокусот на кампањата. Ве повикуваме да испланирате и спроведете ваши активности и да ја искористите седмицата и денот за донирање за собереме повеќе донации за вашите иницијативи. Вие одлучувате дали тоа ќе биде специјален настан, донаторска забава на отворено, волонтерска акција, онлајн кампања или нешто уникатно за вас. Ние сме тука да ве поддржиме за повеќе донации и да направите дела што се добар пример за други.

Подготвени сте да се приклучите? 

Изразете интерес со пополнување на едноставен прашалник каде ќе ни раскажете за вашата првична идеја за прибирање донации што потем ќе ја разработите за да стане дел од кампањата. Пријавете се со пополнување на <<формуларот за изразување интерес>>.

Придобивки од учеството 

  • Пристап до платформа за донирање: За да го зголемиме онлајн донирањето активностите на кампањата ќе имаат пристап до „Оп- Оп“, нашата нова („crowdfunding“) платформа и до други начини на лесно прибирање донации како: SMS или донаторски касички;
  • Промоција и препораки за повеќе донации: Активно ќе ја промовираме вашата идеја за прибирање донации на социјални и класични медиуми. Бидете подготвени да станете наши ѕвезди! Иницијативите ќе бидат препорачани на индивидуални донатори и на корпоративните партнери на кампањата кои ќе го поттикнуваат донирањето;
  • Брендирање: Ќе го користите брендингот на кампањата и промотивните материјали што ги подготвуваме за вас;
  • Стручно советување: Конект ќе стои на располагање со стручен совет за вашата активност да биде што поуспешна. Ќе добиете материјали за правилно администрирање и следење на донациите;
  • Вашата организација во фокус: Ќе им посветиме внимание на вашите активности, досегашни и идни успеси, зашто сте двигатели на промените во заедниците каде делувате;
  • Промена: За да ги поттикнеме донаторите и понатамошно да ве поддржуваат, ќе известиме за промените што ќе ги направите со нивните донации.

Селекција

Конект го задржува правото на селекција на активностите и иницијативите и нивна претходна проверка. Можно е да бидат побарани дополнителни информации за верификација. Сите заинтересирани ќе бидат информирани за исходот. Предност имаат организациите со Ознака за доверба.

Обврски

  • Користење на официјалниот брендинг: Потребно е комуникациите и материјалите да го содржат логото на кампањата и да се користат комуникациските материјали кои ќе ви бидат достапни;
  • Употреба на „Оп-Оп“: Учесниците во кампањата ќе ја користат нашата онлајн платформа за лесно групно донирање. На тој начин и резултатите едноставно ќе се следат;
  • Координација и известување: Учесниците ќе ги следат дадените насоки и ќе бидат во комуникација со тимот на кампањата. На едноставен начин ќе известувате за донираните средства, добра, услуги и друго. Потоа ќе информирате за ефектите што ќе се постигнат од добиената поддршка.

Заеднички да ја направиме можна промената што сакаме да ја видиме! Пополнете го <<формуларот за изразување интерес>>, а за повеќе информации пишете на konekt@konekt.org.mk или јавете се на 02/ 3224 198.