fbpx

Заштита на непрофитните организации од финансирање тероризам и перење пари

            Заштитата од перење пари и финансирање тероризам е на повеќе начини поврзана со нашата работа. Како организации треба да се едуцираме за да се заштитиме од злоупотреби, да ги унапредуваме мерките во рамки на нашиот сектор, но и да дадеме поширок придонес за градење подобар систем за заштита. Меѓународните стандарди, посебно го издвојуваат непрофитниот сектор. Тие укажуваат на државите да ги определат ризиците во рамки на нашиот сектор. За жал, некои држави оваа регулатива ја злоупотребуваат за да ја контролираат работата на непрофитниот сектор ограничувајќи ја слободата на здружување. Понекогаш, дури се загрозуваат и човековите права бидејќи е оневозможена работата на организации кои обезбедуваат хуманитарна помош на земји во војни, непогоди и сл. Најчесто, влијанието на регулативата се согледува во предизвици со финансиското работење зашто банките се должни да ги идентификуваат сомнителните трансакции. За жал, меѓународно непрофитниот сектор, често се соочува со несоодветно етикетирање како „сектор со висок ризик“. Затоа нашето знаење на темата и вклученоста на непрофитниот сектор се значајни меѓународно.

            Конект во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право ги отвори овие прашања во Северна Македонија. Во изминатите години со поддршка од повеќе донатори вредно работевме и помогнавме нашата земја да биде препознаена како добар пример особено по спроведената Проценка на ризикот од финансирање на тероризам за непрофитните организации во која директно беше вклучен нашиот сектор. Поставивме одлична соработка меѓу себе, со институциите и со банкарскиот сектор. Значајно е Проценката и понатаму да се отслика во постојните и идни мерки за што преостанува уште многу работа.

            Претставници на граѓански организации од сите плански региони ги збогатија своите познавања за ризикот од финансирање на тероризам за секторот на НПО и дознаа за начините да се вклучат и да ја заштитат нивната организација.

            Овие теми стануваат се позначајни за работењето на непрофитните организации меѓународно. Ве покануваме да продолжите да бидете наши соработници. Подготвуваме прирачник на оваа тема, како и обуки во кои ќе ни биде драго да учествувате.

Повеќе за Проценката на ризикот од финансирање на тероризам за НПО прочитајте тука.