fbpx
DSC03764 PS

ОДЛИКУВАНИ НОВИТЕ ПРЕДВОДНИЦИ НА ЦЕЛИТЕ ЗА ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ

Вчера, 23.06.2021 година во Скопје на гала-церемонија здружението Конект ги одликуваше новите предводници на Целите за одржлив развој (Sustainable Development GoalsSDGs) на компании, поединци и млади бизнис лидери од компании.

 Наградите за предводници на Целите за одржлив развој им беа врачени на:

  1. Компаниите: ЕВН Македонија АД Скопје, Македонски Телеком, Грин ИТ ДОО Скопје, Алкалоид АД Скопје, Пакомак ДОО Скопје;
  2. Поединците: Борче Стаменов од Бидат Информатика, како и Ивица Поцков и Никола Глигоров од Луксико ДООЕЛ Свети Николе; и
  3. Младиoт бизнис лидер (до 35 год.): Горјан Јовановски од Моја Фирма ДООЕЛ Скопје.

Признанија за придонес кон остварувањето на Целите за одржлив развој  им беше доделено на:

  • компаниите: Ван Хоол Македонија ДООЕЛ, Кам Маркети, Макпетрол АД Скопје, Макпрогрес ДОО, Меѓународни училишта „НОВА“, Пивара Скопје АД, СунСмарт Соларни системи Скопје, Цементарница УСЈЕ АД Скопје и Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје;
  • поединците: Ана Дангова Хуг од Адвокатско друштво ИНТЕР ПАРТЕС Скопје, Ѓорѓи Трајковски од Македонски Телеком, Јасна Величков од Арел Невромаркетинг, Марија Георгиевска од Наша ТВ и Момир Поленаковиќ од PricewaterhouseCoopers North Macedonia (PwC).

На церемонијата за доделување на наградите почесно се обратија заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, г-дин Фатмир Битиќи, постојанатата координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Н.Е. Росана Дуџак и извршната директорка на Конект, г-а Никица Кусиникова.

– „[…] за да се случи една промена, потребно е вистинско партнерство, колективна ангажираност и заедничка борба. Затоа, особено ме радува тоа што гледам дека приватниот сектор сè повеќе се ориентира кон одржливо работење и придонесување за подобро општество.“ – истакна вицепремиерот, г-дин Фатмир Битиќи.

Добитниците инспирираа со нивните примери. „[…] од тоа како да се обезбедат компјутери на секое дете за време на кризата од Ковид-19 преку рециклирање и донирање, до воведување на обновливи извори на енергија, решенија за паметни градови, до инвестирање во обука и унапредување на сегашните и идните вештини на вработените – се восхитувам на работата на добитниците на наградите и би сакала да ги охрабриме другите компании и поединци кои работат во приватниот сектор да го следат нивниот пример.“ – изјави Н.Е. Росана Дуџак, постојана координаторка на ОН.

„Преку Целите за одржлив развој бизнисите го усмеруваат влијанието што го имаат да создаваат подобро општество. Добитниците на наградите се свесни дека одржливоста е клучен сегмент од бизнис развојот. Конект ќе продолжи да ги поддржува сите бизниси во остварувањата на целите градејќи партнерства со граѓанскиот сектор и институциите.“ – изјави извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова.

Конект ги доделува наградите за одржлив развој по втор пат, во партнерство со Мрежата на Глобалниот договор во Република Северна Македонија. Годишниот план за работа на Конект е поддржан од Цивика Мобилитас. Наградените ќе бидат инспиративни примери на бизниси и поединци кои во секојдневното работење докажуваат дека бизнисот може да биде двигател на oдржливиот развој. Наградените беа пријавени на отворен повик во текот на мај 2021 година.

Целите за одржлив развој се прифатени од сите земји членки на ОН и потребно е да се исполнат до 2030 год. Тие се акцискиот план на светот за фер глобализација и подобра иднина за сите. Заедно, преку храбри чекори и соработка помеѓу сите сектори на општеството, можеме да ставиме крај на екстремната сиромаштија, да се бориме против нееднаквоста и да се справиме со климатските промени. Придружете ни се да направиме чекор понапред и да осигураме дека никој нема да биде изоставен.