Ρегионален форум во Велес – Промени за одржливост

На 29 јануари во х. Гарденија во Велес се одржа последниот, трет регионален форум на кој присуствуваа дваесетина претставници на граѓански организации.

Форумите беа дел од проектот „Промени за одржливост“, спроведуван од Конект, Фондација Аполонија и ЦДП – Центарот за даночни политики. Со овој настан завршуваат консултациите кои ги спроведува проектот со граѓанските организации на темите: Законот за донации и спонзорства во јавни дејности и Граѓанските организации како работодавачи.

Застапувањето за промени во регулативата што се однесува на даночниот третман и финансиското работење на ГО е причината поради која постои мрежа за финансиска одржливост на ГО. Мрежата  застапува поволни промени во следните области:

  • Даночниот третман на ГО;
  • Даночните олеснувања за донации и спонзорства за ГО и поврзување со статусот на организации од јавен интерес;
  • Сметководствениот систем за непрофитни организации;
  • Статусот на ГО како работодавачи и поддршка за вработување во граѓанскиот сектор преку активни мерки за вработување.

Заклучоците од трите регионални форуми ќе бидат земени во предвид за идните активности за застапување кои ќе ги спроведува мрежата за финансиска одржливост која во моментот вклучува 80 граѓански организации.

Форумот и мрежата на ГО е дел од проектот „Промени за одржливост“ кој е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Конект во партнерство со Фоднација Аполонија и Центарот за даночна политика. Проектот има за цел да придонесе во градењето на поволна средина за финансиска одржливост на ГО во земјата.