fbpx

Презентирани нови иницијативи за социјално претприемништво пред бизнис заедницата

На Форумот за социјално претприемништво што се одржа во организација на Конект на 1 март, 2019 година во хотелот Арка во Скопје, социјалните претпријатија добија можност заедно со институциите и бизнис заедницата во нашата земја отворено да поразговараат за предизвиците, потребите и потенцијалната соработка.

 

На настанот присуствуваа околу 70-тина претставници на државни институции, донатори, компании, како и граѓански организации од целата земја кои се социјални претпријатија. На форумот се обратија претставнички од Делегацијата на Европската Унија, Министерството за економија и Министерството за труд и социјална политика.

 

„Форумот отвори дијалог за системските решенија за поддршка на социјалното претприемништво во нашата држава, но, и за подигање на свеста кај институциите и компаниите за начините на коишто тие можат да ги поддржат социјалните претпријатија. Работиме на развивање на еко-систем за развој на социјалното претприемништво соработувајќи со сите чинители: институциите, компаниите, донаторите, граѓанскиот сектор и медиумите“- истакна Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект во своето воведно обраќање.

 

Нови иницијативи за социјално претприемништво беа презентирани пред бизнис заедницата во интерактивниот дел од овој настан, како дел од сервисот Конектирај се! Така, Конект овозможи потенцијална можност дел од предложените идеи да се поттикнат и да резултираат во успешни примери на социјално претприемништво во нашата земја.

 

Наменет специјално за поврзување на граѓанскиот сектор со бизнис заедницата, Конектирај се!, овозможи да се зголеми поддршката за социјално претприемништво од страна на компаниите преку градење партнерства (вмрежување) со невладините организации.

 

Дел од презентираните иницијативи беа во насока на поздрава животна средина, пофункционална локална заедница, помош на маргинализирани групи, поттик за одржлив развој и одржливи работни места за млади, жени, лицата со попреченост, како и интеграција на ранливи групи.

 

Иницијативата на Конект се реализираше во рамки на проектите „Промени за одржливост“, финансиран од Европската Унија и „Иновативен модел за поддршка на социјалното претприемништво“, поддржан од Mинистерството за економија.