odgovorni-biznisi1

Клуб на одговорни бизниси

КЛУБ НА ОДГОВОРНИ БИЗНИСИ

Волонтерска програма „Поврзани генерации“

Поврзани генерации е програма на Клубот на одговорни бизниси која ги ползува вештините на вработените во компаниите за да им помогне на возрасни лица да се стекнат со знаења за користење интернет алатки, компјутери или мобилни уреди. Познавањето на социјалните медиуми и дигиталната технологија за лицата од трето доба се можност за комуникација и останување во контакт со нивните деца, внуци, пријатели. Програмата им нуди, преку еднодневни обуки, да се стекнат со практично знаење и доверба за користење на интернет базирани технологии.

Зошто вашата компанија?

Вклучувањето во овој предизвик за корпоративно волонтирање на вашата компанија и дава можност да придонесе за рушење на бариерите во комуникацијата и директно да помогне за промена на секојдневието на овие лица. Ја прави одговорна кон групата корисници и кон целата заедница.

Кој може да биде волонтер?

Секој вработен во компанијата членка, кој има основно познавање за работа со компјутер, интернет базирани алатки и мобилни телефони и има желба да волонтира неколку работни часа со споделување на истото. На пример, одличен профил би биле вработени во директна продажба, заради нивните изградени вештини за комуникација со различни групи.

Придобивки за компанијата и вработените

  • Споделување знаење и искуство во користење дигитални технологии;
  • Стекнување искуство за работа со возрасни лица;
  • Волонтирање како дел од тим во забавна и динамична средина;
  • Промоција на компанијата како општествено одговорна компанија;
  • Стекнување нови клиенти, поддржувачи и промотори.

Што вклучува волонтерскиот ангажман?

Под раководство на Клубот на одговорни бизниси и на Конект, волонтерот:

  • Им помага на корисниците на програмата да развијат компјутерски базирани вештини за користење на технологијата;
  • Споделува материјали за обука и учење (претходно развиени од страна на Конект и членките на Клубот и ставени на негово располагање);
  • Им помага на корисниците да отворат електронска пошта;
  • Им ги открие тајните на користење на интернет, мобилни телефони и други алатки;
  • Обезбедува обука за користење на банкомат.

За кого е наменета програмата?

Корисниците се лица од трето доба, кои имаат желба да стекнат вештини за употреба на дигитални технологии. Програмата се спроведува во соработка со специјализирани организации, врз база на искажан интерес и потреба на корисниците.

Повеќе информации можете да најдете тука.