Да донираш е љубов!

Под мотото „Да донираш е љубов“ здружението Конект води кампања која има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните и компаниите за потребата и користа од обмислено, планирано и стратешко донирање, особено во граѓанските организации. Посебен фокус е ставен на филантропијата како семејна вредност, односно како наследство што треба да се предава со предавање на семејниот бизнис на следните генерации.

„Исто како во љубовта, кај донирањето треба да одбереш стратешки партнер кој ќе ти одговара, да негуваш однос на долг период, вистински да се дадеш, да бидеш поддршка и да уживаш гледајќи што е постигнато“-вели Виктор Мирчевски, програмски соработник во Конект и додава „планираното и обмислено донирање е заложба за темелно решавање на проблемите, а не само еднократно санирање на последиците“.

Во рамки на кампањата познати лица од јавниот и бизнис животот добија писма што ќе ги потсетат дека донирањето е најуспешно и најисплатливо доколку се прави стратешки и обмислено во одредена цел. Подготвена е заложба за донирање, која може да ја потпише секој, како морална обврска за планирање на донациите. Исто така изработена е и првата онлајн апликација, со која преку одговарање на едноставни прашања може да видите кој тип на донатор сте и соодветно да ги насочите донаторските активности. Во неколку кафе барови беа поделени ливчиња со пораки за донирање, а изработени се и видеа што се споделуваат на социјалните медиуми.

Хуманитарното или таканаречено “ад-хок“ донирање е важно и честопати неопходно, но не е доволно и не го искористува максималниот потенцијал на донациите. Со него ги санираме последиците, но не ги решаваме суштинските проблеми. Неопходно е паралелно да го развиваме и филантропското односно паметното донирање. Ние веруваме дека донирањето во непрофитни организации е вистинскиот начин, бидејќи тие ги познаваат потребите, делуваат стратешки и обмислуваат трајни решенија за граѓаните.