fbpx
53372712155 Fd9862125b C

Конект со вас ја празнува љубовта на донирањето

Љубовта е често мотивација, причина и повод да се прават големи дела. Во годината што измина останавме вљубени во донирањето. А, вие бевте дел од таа љубовна приказна.

Филантропијата е човекољубие на дело. Изминатата година од срце дониравте вкупно 3.087.283 денари во финансиски средства, добра и услуги за развој на нашите заедници. Доказ, дека кога донациите ќе се здружат прават големи промени. 881 индивидуални и 68 корпоративни донатори со нас ја искусија љубовта на донирањето.

💌 Првата национална кампања за филантропија „Денови за донирање“ ги освои симпатиите на над 2.200 граѓани вклучително 50 бизниси. Заедно дониравме 2.017.212 денари во финансиски средства, добра и услуги и волонтерски труд. Така поддржавме 29 непрофитни организации и групи.

Вљубените се најдобри пријатели, сврзани во доброто и во тешкото, меѓусебно се крепат во уживањето и во градењето на животот. Четвртиот по ред донаторски кружок беше најуспешен до сега! Донесе многу љубов и донации во вредност од 881.107 денари за негово организирање и за три социјални претпријатија што го подобруваат животот на нашите најранливи сограѓан(к)и.

💚 Вистинската љубов подразбира целосна посветеност и ангажирање во заедницата. Со гордост можеме да споделиме дека 333 прекрасни волонтер(к)и се вклучија во активностите и донираа труд и вештини во проценета вредност од 211.672 денари.

Филантропската љубов е силна врска со заедницата. Таа има моќ да изнајде решенија за проблемите и да биде двигателка на развојот на општество што обезбедува сигурност за секој член на заедницата. Веруваме дека добробит во заедницата може да се постигне само ако се залагаме за доброто на секој поединец/ка во неа. Во 6 општини го споделуваме рецептот за локална филантропија. 🙏

Љубовта е највисокиот чин на доверба. Во Конект се стремиме да биде клучната алка за поврзување. Стројници сме за да создаваме сигурни врски помеѓу донаторите и граѓанските организации преку сервисот „Конектирај се!“ и „Ознаката за доверба“. Мост сме за бизнисите да се поврзат со општеството. 36 бизниси лидер(к)и со нас го возобновија „Клубот на одговорни бизниси“ за да ја надградат својата одговорност и да соработуваат со другите сектори.

Љубовта не знае за време, секогаш е вистинско време за донирање и споделување радост и добрина! Го формиравме првиот донаторски фонд за решенија за подобра едукација, достоинствена работа, инклузија и добро здравје. Побарајте нѐ за да донирате или веднаш свртете на 143 333.

Љубовта е состојба во која вашата среќа се огледува во среќата на другиот. Благодариме што сте дел од нашата заедница на филантроп(к)и кои знаат дека со обмислено и паметно донирање може да придонесеме за суштинско решавање на промените. Тука сме за заедно да ги оствариме сите ваши љубовни соништа за поубава заедница. Побарајте нѐ на konekt@konekt.org.mk или на 02/3224 198!

Да донираш е љубов ❤️