fbpx
Psx 20221215 110055 52565023794 O

Со стратешка филантропија до забрзан развој

На 15.12.2022 година го одржавме Форумот за филантропија во организација на Конект како дел од Проектот на УСАИД Партнерства за донирање. Ова е годишен собир на националните лидери во филантропијата и вклучи претставници на бизнис заедницата, институциите и граѓанските организации, кои споделија искуства и креираа модели за засилена соработка.

Истражувањата на Конект покажуваат дека половина од компаниите донираат во текот на годината што е показател дека кај нас има значаен филантропски потенцијал. Во однос на донирање средства од граѓани оваа 2022 година, Северна Македонија се искачила на солидното 25-то место во споредба со 75-тото во 2013 година, според рангирањето на Светскиот индекс на донирање (World Giving Index). Во време кога непредвидливите случувања во светот ни го исполнуваат секојдневието, а иднината е полна со неизвесност, вистински момент е филантропијата да го заземе своето вистинско место како двигател на позитивни промени во заедницата. Форумот ги претстави глобалните трендови и влијанија на филантропијата и го стави тоа гледиште во македонска перспектива.

Се надевам дека преку Партнерствата за донирање, Владата ќе ги препознае корпоративните и индивидуалните филантропи како партнери во општествениот договор, а не само акционери до кои можат да се обратат за поддршка во време на кризи, како што е неодамнешната пандемија. Ги охрабрувам сите деловни лидери овде да ја прифатат филантропијата, да станат проактивни корпоративни граѓани и да инвестираат стратешки во општествените промени кои се неопходни за поддршка на развојот на заедниците во кои работат. Филантропијата ги зајакнува демократските слободи, човековите права и одговорноста за животната средина.” Истакна во својот говор заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на САД во РС Македонија г. Ерик Мејер.

Како поединци, сопственици на бизниси и менаџерки и менаџери, многумина од нас ги отвораат своите паричници за да ги поддржат пријателите, семејството и лицата кои ни бараат итна помош. Но, кога се обмислени и насочени во корист на пошироката заедница, донациите имаат моќ долгорочно да ги подобрат состојбите и да придонесат за благосостојба во општеството. Создаваме партнерства за донирање за да овозможиме зголемени донации, вистински поттикнувања за донаторите и лесни и забавни начини на донирање коишто ќе им овозможат на сите граѓани и компании да бидат дел од промените кон подобро утре.” Истакна извршната директорка на „Конект“, г-а Никица Кусиникова.

Заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања г. Фатмир Битиќи посочи дека „Потребно е активирање и грижа на сите чинители: Владата, граѓанскиот сектор, бизнисот и граѓаните. Верувам дека сите можеме и треба да ја сносиме одговорноста за тоа како нашите постапки денеска ќе се отсликаат на општеството, во кое, ќе живеат нашите деца, утре.”

За филантропската инфраструктура како и донирањето во услови на криза има многу позитивни примери ширум светот. Успешните искуства со нас ги споделија специјалните гости г. Фредерик Мулдер од „The Funding Network UK“ од Обединетото Кралство, кој на присутните им се обрати преку видее-интервју, и г-а Марина Снижинска од „Мрежата на Глобалниот договор во Украина“, која објасни како филантропските напори на украинските компании биле клучни да им помогнат на своите заедници да се справат со предизвиците од конфликтот во таа земја.

За локалната инфраструктура за паметно донирање во панел-дискусијата ги слушнавме искуствата на некои од лидерите во оваа област од бизнис и граѓанскиот сектор како г-а Ангелка Пеева-Лауренчиќ, г-а Леа Липша, г. Џемаил Даути и г-а Маргарита Гулевска.

На форумот се разговараше за надминување на предизвиците за да се обликува поволна околина за зголемено и донирање во функција на забрзан развој. Учесниците покажаа готовност да негуваат партнерствата за донирање, работат на подобра правна рамка, да членуваат во Клубот на одговорни бизниси, се едуцираат за филантропија и општествена одговорност, а интерес побуди најавената онлајн платформата за групно донирање.

__________________________________________________________

Овој форум беше организиран од проектот на УСАИД Партнерства за донирање, спроведуван од Конект, a во партнерство со Европскиот центар за непрофитно право, Стопанската комора на северозападна Македонија, Индиго и Американската стопанска комора во Р Северна Македонија.