
Филантропија
ФИЛАНТРОПИЈА / КОРПОРАТИВНА ФИЛАНТРОПИЈА
Зошто да донираш во граѓанска организација?
- Затоа што сакам да помогнам;
- Затоа што се идентификувам и соживувам со проблемот на заедницата;
- Затоа што сум свесен дека во заедницата сите сме нераскинливо поврзани и дека сме дел од проблемите, но и дел од решенијата;
- Затоа што знам дека само ако сите сме вклучени, заедницата може ефективно да ги решава проблемите;
- Затоа што на тој начин потврдувам дека сум активен член на заедницата на која и припаѓам и се грижам за работите што се случуваат во неа;
- За да ги поттикнам и другите да размислуваат позитивно, да се вклучат во решавањето на проблемите на заедницата и да дадат придонес за развој на похумано, поправедно и поуспешно општество.
Во Македонија најчесто донираме инцидентно и на импулс – тогаш кога тоа некој ќе го побара од нас. Во тој момент одлучуваме дали, што и колку некому ќе му донираме. Неспорно е дека и ваквата помош е добредојдена. Сепак, на овој начин се даваат стотици и илјадници евра, а притоа немаме повратна информација за тоа дали навистина се помогнало во неволјата, за што реално се потрошени средствата и што е најважно, дали со донацијата сме придонеле проблемот долгорочно да се надмине.
Но, има ли подобар начин на донирање, таков што ќе донесе најдобро искористување на помошта и што ќе води кон долгорочно решавање на конкретниот општествен проблем?
Нашиот одговор е ДА – треба да се донира паметно! Кога зборуваме за паметно донирање, пред сѐ мислиме на планирање, кое треба да го даде одговорот на прашањето „Како мојата донација најдобро ќе придонесе во решението на проблемот?“.
Ние веруваме дека одговорот на сите овие легитимни прашања на секоја донација е во здружувањето. И тоа со оние кои најдобро ги познаваат областите на донирање и комплексните општествени услови во нив. Најчесто тоа се граѓанските организации специјализирани за одредени општествени појави. Нивната упатеност во конкретни области од животот на заедницата, искуството од имплементираните проекти и знаењето за улогата на сите вклучени страни се од огромно значење за постигнување на најголемиот можен ефект од секоја донација.