fbpx
ozad-white

Филантропија

ФИЛАНТРОПИЈА / КОРПОРАТИВНА ФИЛАНТРОПИЈА

За донирањето

Претпријатијата се нераскинлив дел од заедницата и играат голема улога во нејзиниот развој. Преку инкорпорирање на политиките за општествена одговорност, претпријатијата често иновираат и креираат нови општествени вредности и добра, на пример, во доменот на животната средина (алтернативни извори на енергија, рециклирање на отпад и сл.) како и во многу други области. Покрај ова, голем број на претпријатија донираат во заедниците во кои дејствуваат. Преку донациите, претпријатијата се поврзуваат со луѓето од својата заедница на еден единствен начин. Донациите им даваат можност на претпријатијата да го поттикнат создавањето на похумано општество и праведен развој кој ќе креира еднакви можности за сите граѓани. Донациите се моќна алатка преку која тие ги поддржуваат прашањата кои ги засегаат граѓаните и им даваат моќ на граѓаните активно да се вклучат во решавањето на проблемите на заедницата.

Сепак секоја донација не претставува филантропија. Додека хуманитарните донации помагаат да се санираат последиците од одредени општествени состојби (донации за хируршки операции, донации за храна и облека, новогодишни пакетчиња за децата во домовите без родители и сл.), филантропијата има развојна димензија и се стреми преку донациите да навлезе во коренот на проблемот и да ги адресира причините за општествените проблеми (поддршка на реформи на здравствениот систем, донации за програми кои им овозможуваат на луѓето да генерираат приходи и самите да си обезбедат храна и облека итн.). И двата вида на донации се потребни и значајни. Сепак, претпријатието треба да гледа на донациите како на инвестиција во општеството и да се стреми да ги максимизира трајните ефекти кои донацијата може да ги оствари.

Финансиските можности на претпријатието не се пресудни за неговата филантропија. Точно е дека големите претпријатија поради обемот на ресурсите со кои располагаат можат да постигнат поголемо влијание и директно да придонесат за решавање на некој конкретен проблем. Од друга страна, спектарот на активности во овој домен е толку широк што дава многу можности за активно вклучување во заедницата со малку средства. Малите и средни претпријатија можат да ја искористат својата непосредна интегрираност во заедницата за подобро идентификување на нејзините потреби и фокусирано дејствување со средствата кои се на располагање. Со дејствување преку некоја локална граѓанска организација, повеќе мали донации можат да се здружат, и преку зголемување на своите донации заеднички да ја постигнат посакуваната промена.

Покрај користа за општеството, поддршката на заедницата носи корист и за самото претпријатие. Филантропските активности на претпријатието се вообичаено највидливиот дел од општествено одговорните практики на претпријатието. Поради тоа тие имаат влијание врз имиџот на претпријатието кое ќе биде препознаено во јавноста како некој кој се грижи и вложува во благосостојбата на заедницата во која дејствува. Тоа посредно може да дејствува и на продажбата бидејќи брендот ќе биде подобро препознаен. Исто така, ќе влијае и на купувачите кои претпочитаат да купуваат производи за кои знаат дека дел од профитот ќе се врати назад во заедницата со што и тие самите индиректно го потпомагаат нејзиниот развој. Корпоративната филантропија ја подобрува и мотивираноста и лојалноста на вработените. Кај нив се раѓа чувство на гордост дека работат во претпријатие кое вложува во заедницата во која тие живеат. Исто така, преку волонтирањето на вработените за доброто на заедницата се развива нивниот тимски дух и се градат вештините за комуникација и соработка. Покрај ова, активностите во доменот на корпоративната филантропија го зголемуваат и капацитетот и можноста на претпријатието за реализирање на партнерства во пошироката заедница.