ozad-white

Филантропија

ФИЛАНТРОПИЈА / ИНДИВИДУАЛНА ФИЛАНТРОПИЈА

За донирањето

Во Македонија најчесто се донира инцидентно и на импулс – тогаш кога тоа некој ќе го побара од нас. Во тој момент одлучуваме дали, што и колку некому ќе му донираме. Неспорно е дека и ваквата помош е добредојдена. Сепак, на овој начин се даваат стотици и илјадници евра, а притоа немаме повратна информација за тоа дали навистина се помогнало во неволјата, за што реално се потрошени средствата и, што е најважно, дали со донацијата сме придонеле проблемот долгорочно да се надмине.

Хуманитарното или таканаречено “ад-хок“ донирање е важно и честопати неопходно, но не е доволно и не го искористува максималниот потенцијал на донациите. Со него ги санираме последиците, но не ги решаваме суштинските проблеми. Неопходно е паралелно да го развиваме и филантропското односно паметното донирање. Ние веруваме дека донирањето во непрофитни организации е вистинскиот начин, бидејќи тие ги познаваат потребите, делуваат стратешки и обмислуваат трајни решенија за граѓаните.

Најпрвин, ги планираме средствата кои во текот на одреден период можеме да ги донираме. Притоа, не треба да нѐ обесхрабрува што најчесто тие средства се помали од оние за кои сметаме дека се потребни. Многу проблеми што барале големи средства и координација се решени токму со помали донации од повеќе донатори. Потоа, ја анализираме и определуваме областа во која сакаме да го дадеме својот придонес. Така, често можеме да ги откриеме токму сферите кои се од наш интерес, а притоа решаваат некој општествен проблем. Откако ќе се одлучиме за областа на донирање, го определуваме начинот на кој средствата најдобро ќе бидат искористени. И на крај, се разбира, како ќе го вреднуваме ефектот на донацијата.

Притоа, важно е да се идентификуваат вистинските институции и граѓански организации кои посветено, етички, транспарентно и одговорно соработуваат на донаторскиот проект. Токму ваквите организации се природен и клучен партнер во остварувањето на целите на донацијата. Затоа погледнете ја листата на доверливи организации којашто се наоѓа на оваа страна и пронајдете ја вистинската организација за вашата донација.