fbpx
Одговорните бизниси и COVID 19

ОДГОВОРНИОТ БИЗНИС СООЧЕН СО КОРОНА COVID 19

Соработка меѓу сите сегменти во општеството станува неопходна во справувањето со една од најголемите глобални кризи, пандемијата COVID 19. На сите чинители (институциите, бизнисите, граѓанските организации, науката, медиумите и др.) им е потребно  време за прилагодување, но само со колективно дејствување може да се запре ширењето на пандемијата, да се изнајдат решенија, да се придонесе за бизнис континуитетот и брзо закрепнување од последиците.

Работодавачите ја препознаваат важноста да ги заштитат, поддржат и да соработуваат со заедниците за нормализирање на ситуацијата. Во вакви ситуации на високи ризици, кога треба да се носат тешки одлуки и строги мерки, многу е важно компаниите да водат сметка и за човековите права. Издвојуваме насоки за прашањата што одговорните бизниси си ги поставуваат, како и примери од она што се спроведува.

Која е одговорноста на работодавачите од аспект на човекови права?

  • Заштита на правото на здравје: За да се намали ризикот на изложеност на вирусот се реорганизира бизнис процесот вклучително: хигиенски протоколи и дезинфекција, работа од дома секаде каде е можно, смени, дистанцирање, безконтактни услуги и сл.
  • Заштита на животната средина: овој момент е идеален за да се согледаат искуствата од мерките и како тие влијаат за животната средина (оптимизирано производство, функционирање без патувања, работа од дома, нови технологии, онлајн платформи итн.) и да се вградат во понатамошното водење на бизнисот.
  • Пристап без дискриминација: важно е во сите мерки што ќе се спроведуваат да се овозможи еднаков пристап. Обезбедете транспарентна и пристапна комуникација (на пример комуникација и за вработените со попреченост) на препораките за заштита и вашите мерки за справување со ситуацијата.

Препораки за работодавачите

  • Реогранизирајте ја работата соодветно за да се задржи континуитетот;
  • Овозможете пристап до безбедна работна средина со сите мерки на претпазливост да се ограничи изложеноста на вирусот (дезинфекција, дистанца помеѓу вработените);
  • Применете флексибилни политики за работа од дома секогаш кога е тоа возможно, за да се намали бројот на вработени изложени на ризик и во движење. Обрнете посебно внимание на оние кои остануваат дома поради грижа за член на семејството, ниско платените работници, работниците со договори за привремено вработување итн;
  • Применете транспарентна и пристапна комуникацијадемистифицирајте ја ситуацијата за вработените, осигурајте ги дека правите сѐ што е возможно за да ги одржите работните места; објајвете ги мерките што ги применувате за клиентите и јавноста;
  • Поттикнувајте онлајн поврзаност меѓу вработените за да се одржува социјалното ткиво во компанијата и чувството на припадност кон организацијата. Пример: освен состаноци организирајте и онлајн кафе за пауза или понудете сесии за тимски дух, поддршка за справување со стравот, стресот, осамата итн. Согласно можностите размислете за финансиска и друга поддршка за најпогодените вработени.

Компаниите како дел од поширокото општество

Кои  сегменти од општеството се најпогодени од пандемијата?

  • најмногу изложени на ризик се: повозрасните и хронично болни лица, сиромашните и маргинализираните, изолираното рурално население и лицата со отежнет пристап до здравствени услуги, работници кои поради работните обврски се во постојан контакт со други лица, жените кои честопати носат непропорционален товар на грижа за семејството;
  • најранливи на економското влијание од пандемијата се: малите бизниси, компаниите во синџирот на снабдување и во специфични индустрии (превоз, туризам итн.), самовработените лица.

Што можат да направат бизнисите како општествени чинители?

  • Разгледајте кои ресурси ги имате на располагање, а можете да ги дадете за поддршка на вработените, ранливите групи, граѓанските организации или воопшто за општествено добро и јавно ползување. Пример: лаптопи на користење за децата на вработените додека учат од дома (секако со соодветна заштита на податоците на фирмата), софтвер за користење за теренски активности на граѓански организации итн;
  • Стапете во контакт со пензионираните поранешни вработени за да им излезете в пресрет доколку им е потребна некаква помош (за набавки – храна или лекови, психо-социјална поддршка, разговор и сл.);
  • Додека бизнис активностите се намалени, времето може да се искористи за интернет едукација или менторирање помеѓу вработените за да градат вештини или да пренесуваат знаења на други сектори. Пример: организирање кратки онлајн менторски сесии во даден распоред или листа на расположливи ресурси за учење. На располагање се и bezkorupcija.mk; www.konekt.org.mk ; www.donirajpametno.mk;
  • Бидете поподготвени во иднина. Искористете ги овие искуства за ако немате да направите план за одржување на бизнисот, анализа на ризиците по човековите права и сл. Погледнете ги <<алатките>> што ви се на располагање;
  • Грижете се за одржливоста на бизнисот низ вашиот ланец на добавувачи. Контактирајте особено со малите претпријатија за да имате информација за нивната состојба и разгледајте ја можноста за пофлексибилни ангажмани и механизми за поддршка за и тие полесно да ја пребродат кризата;
  • Размислете за последиците и со кои други општествени чинители би можеле да ги санирате (граѓански организации, институции, академија, медиуми итн.);
  • Споделете ги добрите искуства со други.

Добри примери од бизнисите низ светот

Корпоративна филантропија

Секојдневно се зголемува бројот на донации за борбата против корона вирусот, дел во болници, апарати, медицински материјали, дел во истражувања и пронаоѓање на лекови и вакцини, но и во банки за храна, единици за привремена нега за време на епидемијата, капацитети за тестирање и дијагностицирање за корона вирус, итн.

Така на пример, Групацијата Армани донираше 1.25 милиони евра на болниците во Италија; Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ финансира проект за испорака на комплети за тестирање на коронавирус до домовите на луѓето во Сиетл и веднаш ги известува здравствените службеници за резултатот. Иницијативата на Марк Зукерберг („Иницијатива Чан-Цукерберг“) го зголеми на капацитетот за тестирање со најсовремени дијагностички машини, а „Фејсбук“ досега донираше 720,000 маски, најави 100 милиони долари помош и рекламни кредити за погодени мали бизниси и обезбеди бесплатен рекламен простор за Светската здравствена организација, лансирајќи го модулот Coronavirus (COVID-19) Information Center.

Адаптација на производството, услугите и флексибилност

LVMH, матичната компанија на Кристијан Диор, Герлан и Живанши, помага на француските здравствени власти тоа што наместо парфеми производува средства за дезинфекција на рацетe што ги доставува бесплатно. Слично, дестилерија во Портланд ја користи првата количина на алкохол при производство (која обично се фрла) за правење бесплатни средства за дезинфекција.

Технолошките гиганти како (Гугл, Фејсбук и Мајкрософт) ги затворија своте канцеларии, кампуси и продажни салони, но продолжија да ги плаќаат работниците кои беа платени на час – вработените во одделите за храна, хигиена, продажба, итн. Некои компании им ги надоместуваат трошоците на вработените кои купуваат кафе и храна од локалните независни мали бизниси. Други пак, им нудат бесплатна ментална зравствена заштита.

Многу онлајн платформи ги отворија своите услуги бесплатно за корисниците за време на кризата – достапни се комуникациски алатки, онлајн курсеви, платформи за пренос на податоци, итн. Бесконтактните услуги и сервисите врата до врата растат, како во светот, така и кај нас.

Ова се само дел од многуте примери кои придонесуваат во борбата против пандемијата.

Што прават компаниите кај нас?

Од бесплатно кафе и појадок за болничкиот персонал до корпоративни донации во пари или медицинска и заштитна опрема и средства за дезинфекција – и македонските компании се вклучуваат во помошта за борба против корона вирусот. Уште на почетоците на ширењето, реорганизирањето на работењето без директен личен контакт се примени во голем дел од компаниите.

Приватни болници и туристички објекти ги ставаат на располагање своите ресури и капацитети за сместување на заболени од вирусот. Конфекции нудат бесплатно производство на маски за заштита, чиј број секојдневно расте а во што им се приклучија и корисниците од еден од домовите за стари лица.

Компанија донираше 10 прочистувачи на воздух кои го филтрираат вирусот на Инфективната Клиника, а доктори и сопственици на технологија за ЗД принт произведуваат и донираат заштитни маски со визири за медицинските работници. Се развиваат нови и се споделуваат постоечки бесплатни едукативни платформи за онлајн учење, книги, снимки од претстави итн.

Конект ги следи добрите практики и примери. Споделете ги со нас на konekt@konekt.org.mk.