написи

ЗДСЈД

Закон што не им служи на оние за кои е донесен

  • Facebook
  • Twitter
  • Delicious
  • Digg
  • Add to favorites
  • Email
  • RSS

Клучниот проблем е процедурата по која може да се реализира даночното олеснување, која е сложена и ги обесхрабрува корисниците да го ползуваат законот. Таа наметнува премногу обврски, особено за давателите

Донациите и спонзорствата вообичаено не се топ-тема во секојдневното политичко милје во државава. Сепак, тие задираат во животот на речиси сите граѓани. Според истражувањата, над 70 отсто од граѓаните во Македонија донирале во текот на годината, како и повеќе од половината од претпријатијата. Голем број граѓани, лично или преку организациите во кои членуваат, примиле донација или спонзорство. Донациите и спонзорствата се важен извор на поддршка во решавањето на проблемите во многу области од јавен интерес: образование, спорт, култура, социјала, здравство итн. и се особено значајни за финансиската одржливост на невладините организации. Поради ваквиот опфат и влијание на донациите во општеството, многу држави овозможуваат даночни олеснувања со кои се поттикнува филантропската активност на граѓаните и на претпријатијата.

Во Македонија во 2006 година е донесен Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Тој прв пат на системски начин овозможи физички и правни лица да добиваат даночни олеснувања за донациите и спонзорствата за цели од јавен интерес. Со оглед на тоа што истражувањата покажуваат дека граѓаните и претпријатијата сметаат дека даночните олеснувања се важен поттик за донирање, законот е релевантен и ја оправдува целта. За оние што донираат, законот овозможува даночни поттикнувања во доменот на персоналниот данок на доход, данокот на добивка, данокот на додадена вредност и данокот на имот. И покрај тоа што се донесоа подзаконските акти, законските одредби се преточија во соодветните даночни закони, а релевантните институции ги презедоа обврските кои произлегуваат од законот, практиката покажува дека постојат значителни предизвици во неговото спроведување. Многу од претпријатијата решаваат да не го користат законот иако би сакале да ги добијат даночните олеснувања. Граѓаните речиси и не го користат законот. На тој начин, иако имаме закон што формално функционира, тој не ја остварува својата примарна функција и не им служи на оние за кои е донесен.

Проблемите во примената на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности произлегуваат од одредбите на самиот закон. Уште во дефинирањето на термините, особено на оние за јавна дејност и јавен интерес, постои недостаток од детаљно објаснување придружено со соодветни критериуми. Со оглед на понатамошната процедура за заштита на јавниот интерес, ваквото дефинирање доведува до предизвици во смисол на двосмисленост, субјективно интерпретирање на јавниот интерес од страна на одговорните лица во институциите итн. Со оглед на тоа што новиот Закон за здруженија и фондации ќе го воведе статусот Организација од јавен интерес и детално ќе ги дефинира областите и критериумите по кои се цени јавниот интерес, неопходно е соодветно усогласување.

Клучниот проблем е процедурата по која може да се реализира даночното олеснување која е комплицирана и ги обесхрабрува корисниците да го ползуваат законот. Таа наметнува премногу обврски, особено за давателите. Тие мора да добијат претходни одобрувања од надлежните институции (за што им се потребни детаљни информации од примателите, кои не секогаш им се навремено достапни). Законот предвидува задолжителен писмен договор, помеѓу давателот и примателот без оглед на висината на поддршката, дури и за донација од 500 денари, што претставува особен товар за граѓаните кои донираат. Притоа, овој процес мора да се изведе за секоја поединечна донација/спонзорство без оглед што можеби примателот е ист. Исто така, законот им наметнува одговорност на давателите за користењето на донацијата. Давателите донираат на добра волја и немаат контрола, ниту би требало да се сметаат отчетни за начинот на кој таа се користи.

Многу често донациите се итни и не можат да чекаат на комплетирање на целосната документација и процедура. Потребно е да се развие механизам, кој ќе овозможи едноставно реализирање на даночните олеснувања. Во повеќето земји што овозможуваат даночни поттикнувања, јавниот интерес се врзува за примателот на донацијата (вообичаено со непрофитен карактер), а не за активноста за која се донира. Притоа, процесот е едноставен и се изведува само преку сметководствената евиденција.

Процедурата им прави тешкотии и на институциите во реализирање на своите обврски. Дополнително, постои конфликт на надлежности помеѓу различни институции (Министерството за правда и Управата за јавни приходи) за различен дел од процесот на реализирање на даночното олеснување што доведува до правна несигурност кај корисниците.

Несомнено, Законот за донации и спонзорства во јавните дејности мора да претрпи измени во сите гореспонемети сегменти. Покрај овие измени, она што е особено важно, а што недостасува, е анализа дали постојните даночни решенија се навистина поттикнувачки за донаторите, како и колкави се нивните фискални импликации врз Буџетот на РМ. На крајот, при измените на законот е клучен процесот на нивно донесување. Поради тоа што засега многу актери во општеството, тој мора да биде партиципативен и да овозможи доволно време за активно вклучување не само на надлежните институции, туку и на претпријатијата, индивидуалните филантропи, здруженијата, фондациите, јавните установи итн. Само на тој начин ќе добиеме закон што навистина ќе ја развива филантропијата и ќе ги поттикнува граѓаните, претпријатијата, здруженијата и другите субјекти активно да се вклучуваат во решавањето на општествените проблеми.

Оваа колумна на извршната директорка на Конект, Никица Кусиникова оригинално е објавена во изданието на Дневник од 26.03.2010.

Share and Enjoy