написи

ЗДСЈД

Сложената процедура спречува ползување на даночните поттикнувања

  • Facebook
  • Twitter
  • Delicious
  • Digg
  • Add to favorites
  • Email
  • RSS

Јован Лазарев е поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, професор на Машинскиот факултет во Скопје, активен спортски работник и еден од поддржувачите на иницијативата за промена на Законот за донации и спонзорства во јавните дејности 

За блогот на Конект, Јован Лазарев одговори на неколку прашања поврзани со актуелниот амбиент за донирање во Македонија и предизвиците кои треба да се надминат, за да се поттикне поголема филантропска култура.

 

Г. Лазарев, Законот за донации и спонзорства во јавните дејности (ЗДСЈД) е донесен со цел да се поттикнат донациите и спонзорствата во области од јавен интерес, како што се образование, спорт, култура, социјала, здравство итн. Колку компаниите и физичките лица се подготвени да донираат во развој на спортот?

Мислам дека поголемиот дел на компании сè уште не се подготвени да донираат за развојот на овие дејниости. Истото се однесува и за физичките лица. Не можам да кажам кои се причините, но дејностите за кои е наменет овој закон се уште не можат да ги почувствуваат предностите на истиот. Постојат повеќе позитивни примери на големи компании како ЕЛЕМ, Алкалоид, Макстил, телекомуникацииските компании и други. Овие позитивни примери треба да се афирмираат и да бидат пример за другите и тие да почнат да донираат.

Дали сметате дека состојбата со донации во образованието и образовни проекти е поразлична?

Не е поразлична, можеби и полоша. Но и тука постојат примери кои треба да се афирмираат. Фирмите Дрекслер Мајер, Џонсон Контрол, Алкалоид и други, донираат лабаратории за факултетите, даваат стипендии за студентите кои можат да се вбројат во поширокиот смисол на донација. Но тоа сè уште се мал број на позитивни примери. Во средното и основното образование овие донации се занемарливо мали.

Од перспектива на корисник на донации и спонзорства, кое е Вашето мислење за Законот? Во која мера истиот ја исполнува целта за која е донесен?

Основно е дека Македонија има законско решение за донациите и спонзорствата и доколку некоја компанија или физичко лице се реши да донира тоа може да го направи на законски и легален начин. И тоа е најважното. Друго е прашањето дали законот треба да се подобрува во смисла на процедура или на стимулации за донаторите. Тука секогаш има простор за подобрување.
Од друга страна државата поради постојната светска криза и поради недостаток на средства во буџетот се уште не е во можност да се откаже од дел на своите приходи кои би отишле во стимулација на даноците. Доколку во наредните неколку години Македонија има зголемен економски раст може да се очекува корекција на овој дел од законот.

Може ли да го споделите Вашето досегашно искуство со примена на Законот? Кои се најчестите предизвици на кои наидувате во примена на Законот и реализирање на донациите?

Сметам дека процедурата е доста сложена и многу често донаторите се откажуваат од правото да го искористат бенифитот кои им го дава законот. Ова особено се однесува за помали донации и спонзорства. Донаторот попрво ќе плати данок за спонзорството, отколку да го искористи правото поради сложената процедура.

Сметате ли дека ваков каков што е ЗДСЈД ги поттикнува компаниите и физичките лица да донираат во области од јавен интерес?

Недоволно. Пред сѐ поради малиот бенефит и сложената процедура. Малиот број на донатори тоа денес го прават поради, коко што се вели, општествена одговорност или општествена свест.

Во периодот додека Вие бевте пратеник во Собранието на Р Македонија започнат е процес на измени на ЗДСЈД, кој сѐ уште не е завршен. Вие сте еден од поддржувачите на иницијативата за промени на Законот. Да бевте денес пратеник, кои се главините измени што би ги предложиле?

Потребни се измени во два правци. Поедноставување на процедурата за регулирање на донацијата и користење на бенифитот на компаниите и физичките лица и второ, зголемување на бенифитот за компаниите. Тука е суштината, другото се технички прашања. Како што реков, прашање на време е кога државата ќе оцени дека е дојден моментот да го олабави процентот на бенифитот за компаниите.

За крај, која е вашата порака до компаниите и физичките лица кои се уште со скепса гледаат кон донирањето и не се сигурни дали нивните средства правилно ќе бидат искористени и соодветно вреднувани?

Би им препорачал на компаниите да не гледаат со скепса кон донирањето и во рамките на своите можности да одвојуваат средства за оваа намена. Со тоа тие помагаат за развој на спортот, културата, образованието, науката или спасуваат нечиј живот. Постојат методи и средства да се исконтролира дали средствата се наменски употребени или се злоупотребени.

 

Ова интервју е дел од проектот „Овозможувачка правна рамка” поддржан од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА). СИДА не секогаш се согласува со мислењата изразени од страна на авторот. Авторот сноси целосна одговорност за содржината.

Share and Enjoy