написи

Филантропија

Приказни од Конектирај се! Органските производи на ПОКРОВ во маркетите „Тинекс“

  • Facebook
  • Twitter
  • Delicious
  • Digg
  • Add to favorites
  • Email
  • RSS

20180730_183403

Со сертификат 100% органско и со ознаки кои го гарантираат растителното производство производите на социјалното претпријатие ПОКРОВ од Струмица се најдоа на полиците на маркетите „Тинекс“. ПОКРОВ и „Тинекс“ ги поврза Конект преку сервисот Конектирај се!

За оваа соработка да покаже резултат, Конект посредуваше помеѓу  ПОКРОВ и „Тинекс“ и даде придонес во развојот на нивното партнерство. За партнерството да биде успешно Конект ги обезбеди сите потребни информации и вештини кои помогнаа за поефикасна соработка помеѓу ПОКРОВ и „Тинекс“.

Компанијата „Тинекс“ во својата стратегија за развој ја опфаќа и поддршката за социјалното претприемништво, бидејќи според Соња Бојаровска, координаторката на програмата за општествена одговорност, само одржливо социјално претпријатие значи економски зрела заедница.

Токму и тоа е мисијата на сервисот на Конект, Конектирај се! – поврзување на компании кои во вложувањето во заедницата гледаат инвестиција за општо добро и за долгорочни промени.

20180730_183326

„’Тинекс’ благодарение на Конект се поврза со социјалното претпријатие ПОКРОВ. Нивните органски производи ги донесовме во ‘Тинекс’ и ги поставивме на специјални гондоли означени како 100% oргански и со тоа ја помогнавме нивната социјална мисија. Сакаме и нашите потрошувачи да ги препознаат квалитетните производи на ПОКРОВ и одлучувајќи се за нив да бидат свесни дека не само што купуваат органски производи туку и во целост ја поддржуваат и помагаат нивната социјална мисија и заедницата воопшто“, вели Бојаровска.

20180730_202751

Пласманот на производите на ПОКРОВ пак ќе им обезбеди можност за отворање нови работни места, но и проширување на производството на социјалното претпријатие. До сега во ПОКРОВ се вработени шест лица кои успешно ја имаат завршено рехабилитациона програма за одвикнување од дрога, алкохол и хазард во Македонија што ПОКРОВ ја спроведува речиси 10 години. Она по што рехабилитационата програма на ПОКРОВ се разликува од другите е развивањето на социјално претприемништво кое треба да поттикне позитивни општествени промени и социјална инклузија на сите клиенти кои целосно ќе ја завршат програмата.

„Со проширувањето на пластеничкото производство ќе обезбедиме повеќе приходи со кои потоа ја остваруваме социјалната мисија на нашата организација, а тоа е не само да имаме економски бенефит туку и социјален. На тој начин создаваме една мала уметност помеѓу профитабилноста и социјалната мисија на нашата организација“, вели Сократ Манчев претседател, психолог КБТ советник – Здружение „ИЗБОР“/ Тераписка заедница ПОКРОВ.

Производите на ПОКРОВ може да се најдат во „Тинекс“ Зебра и „Тинекс“ Деликатес.

20180730_183301

Социјалните претпријатија се субјекти кои преку економски активности градат позитивни промени во општеството. Тие имаат конкретни социјални мисии, имаат редовни економски активности и профитот не го делат туку го реинвестираат за доброто на заедницата.

Конект во континуитет работи на промоција на социјалното претприемништво, што во Македонија е во зародиш, нудејќи поддршка за развивање на оваа посебна форма на претприемништво во која се интегрираат економските и социјалните цели. За успешно градење на партнерства помеѓу социјалните претпријатија, општините и бизнисите потребна е континирана поддршка. Таа може да се реализира преку системското издвојување, препознавањe и согледување на состојбите во оваа гранка од економијата што ќе помогне за подобро дефинирање на институционалната поддршка на централно и на локално ниво.

Конект и во иднина ќе го следи партнерството на „Тинекс“ и ПОКРОВ во насока на негово зајакнување и промоција на достигнувањата кои треба да поттикнат вакви соработки и кај други економски субјекти.

Share and Enjoy