написи

Интервју

Филантропот од нашето маало

  • Facebook
  • Twitter
  • Delicious
  • Digg
  • Add to favorites
  • Email
  • RSS

Хусеин Хуска- Попај го знаат многумина. Впрочем, огромен е бројот на тие кои ги користат берберските услуги во неговиот салон во Беверли Хилс. Велат, кај него обичното потстрижување е ритуал и уживање. Но, малкумина знаат дека добрината во неговите очи и насмевката на лицето, не се само привид, туку одраз на големо срце и добар човек.

Popaj

Хусеин Хуска- Попај (фото: М.Паповиќ)

Со Хусеин разговаравме за неговите акции за донирање и филантропските активности. Берберскиот салон Попај, во рамки на сервисот Конектирај се! на Конект, обезбедува бесплатно месечно потстрижување на околу дваесеттина корисници на услуги на здружението Доблест кои тоа инаку не можат да си го дозволат. Но неговата филантропска приказна, датира многу од поодамна.

Хусеин е израснат во семејство без посебна филантропска традиција, па желбата за донирање средства и услуги можат да се припишат на неговиот карактер, но и на потребата да им се возврати на членовите на заедницата во која живее и работи. Има уште двајца браќа, а почнал да работи од свои 14 години. Како чирак, за да го научи занаетот, бесплатно ги пострижувал штитениците на домот 11ти Октомври. Машинката му ја обезбедиле од домот, а тој редовно пострижувал по 40 штитеници.

„Тогаш почнав да сфаќам дека за да помогнеш не треба многу“- вели Хусеин. „Јас го испеков занаетот, а тие имаа фризури. Задоволството беше обострано“.

Оттогаш постојано помага, но не само тој. Желбата за помагање ја пренесува и на неговите чираци. Со домот во Синѓелиќ се договорил редовно да ги посетуваат и да им пружат бесплатни услуги на штитениците.

„Летото, кога Скопје го зафатија поплавите, сакав нешто да направам. Решив два дена на муштериите да не им наплаќам за услугите, а за возврат тие да остават донација за поплавените семејства. Така, сите пари кои ги собравме со чираците, лично им ги поделивме на загрозените семејства во Стајковци“- раскажува Хусеин.

Го запрашавме и за што најмногу донира. „Ме погодуваат човечки судбини“ вели. „Јас заработувам и повеќе од што ми е потребно, работата ми оди супер, па можам и да помагам на тие што им е потребно. Од секогаш сум имал поддршка од семејството, па кога ќе слушнам за некоја животна судбина или дисфункционално семејство, тоа многу ме погодува“- додава.

Долгорочно и стратешки, донациите ги насочува за помош на маргинализирани лица, а „ад- хок“ помага секогаш кога за тоа има потреба. Ниту сака, а ниту пак може да се сети на сите пати кога имал подадена рака. Верува дека со своите дела помага да се изгради општество подобро за сите.

Филантропот од нашиот сокак во следните дванаесет месеци на здружението Доблест ќе му донира услуги кои ако се претворат во средства, изнесуваат околу 780 евра. Но, вистинската вредност на неговата донација ќе биде многу поголема.

Го оставаме Хусеин да си продолжи со работата и зацртаните цели. А ти, ако се уште не си решил/а каде и како ќе донираш, размисли и испланирај. Симни го, потпиши го ветувањето и стави го на видливо место за да те потсетува. И не заборавај, Да донираш е љубов! Исто како во љубовта, донирањето претставува врска со заедницата во која треба умно да одбереш, да негуваш однос, вистински да се дадеш, да бидеш поддршка и да уживаш гледајќи што е постигнато. Планираното донирање, е заложба за темелно решавање на проблемите, а не само еднократно санирање на последиците.

Share and Enjoy

Коментари

Нема коментари.

Коментирај