написи

ЗДСЈД

Донирање на „жими мајка…“

  • Facebook
  • Twitter
  • Delicious
  • Digg
  • Add to favorites
  • Email
  • RSS

Текстот е оригинално објавен во шестиот број на “Лице в лице“

Филантропијата во Македонија е сè уште во раните фази на развој и не сме постигнале максимално искористување на нејзиниот потенцијал. Би можела да ја споредам со мноштво млади фиданки кои никнуваат од земјата, изложени на бројни временски влијанија и непогоди. Но, доколку им се посвети внимание и соодветни услови ќе израснат во големи, силни дрвја со бујни крошни што ќе даваат прекрасни плодови во коишто сите ќе уживаме.

Донирањето претставува највисок чин на доверба во односите помеѓу луѓето. Замислете, некој одлучил дел од сопствените средства што сам ги заработил/a наместо да ги потроши за себе, своите деца, својата фирма, безусловно да ги даде вам или на вашата организација (а притоа најчесто не ве познава лично). Сè ова само поради вашето ветување дека ќе направите нешто добро за заедницата во која живеете! Довербата е темелот на филантропијата и од неа треба да се почне ако сакаме долгорочно да ги береме нејзините плодови. Но, довербата тешко се заслужува, а многу лесно се губи. Поради тоа нејзиното градење бара работа и посветеност од сите вклучени страни.

Донирањето претставува највисок чин на доверба во односите помеѓу луѓето. Но, довербата тешко се заслужува, а многу лесно се губи. Поради тоа нејзиното градење бара работа и посветеност од сите вклучени страни.

Во нашите медиуми неретко се среќаваат написи за претпоставени злоупотреби со донациите од граѓаните и фирмите кои ја поткопуваат довербата. Минатата година, жител на Свети Николе измамил повеќе граѓани и фирми; претставувајќи се како висок функционер во Кабинетот на премиерот собирал донации за лекување на болно лице кои потоа ги искористил за лични потреби. Пред две години, тинејџери оделе од врата до врата и собирале донации за лекување болни деца во името на организација „Мајка Тереза – хуманист 1997 година“ што на жителите од таа општина им се видело сомнително. За мене особено интересен беше случајот на прибирање средства за деца без родители преку продажба на списание, при што во јавноста беше проследена информација дека само околу триесетина проценти од приходите биле наменети за децата, а останатите за продавачите, за печатењето и останати трошоци на организацијата. Притоа, ресорното министерство објави дека ќе го испита „случајот“ и ќе воведе систем на соодветна контрола. Овие примери добро ги илустрираат предизвиците за филантропијата во Македонија, но и улогата на сите страни во тој процес.

Примателите на донациите се клучната алка и тие треба да ја понесат најголемата одговорност во градењето на довербата. Ние сме тие на кои ни` е доверена донацијата и ние мораме да осигураме дека ќе ги исполниме барањата и очекувањата на донаторите. Примателите мора да се крајно транспарентни и отчетни за начинот на којшто ги прибираат средствата и што направиле со донациите. Илустрирано со горните примери, собирањето средства од врата до врата е легитимен начин кој се користи и во други делови на светот. Под претпоставка дека организацијата навистина ги прибирала средствата за наведената цел, лицата кои ги собирале средствата на давателите требало да им дадат писмени материјали за организацијата и да остават свои визит карти со контакт информации. Откога ги собрале средствата, можеле на огласните табли во зградите да стават информација за тоа колку средства собрале и како истите се искористиле. Во случајот со продажбата на списанието, прво, организацијата требала однапред да ја сподели информацијата колкав дел од продажбата ќе биде директно упатен кон децата; второ, организацијата примател треба да се потруди колку што може да ги намали трошоците за прибирање на средства за што поголем дел да се насочи кон крајните корисници; и трето, во списанието треба да има информација за тоа како се искористиле собраните средства. Би сакала да нагласам дека е сосема нормално дел од собраните средства да се искористат за трошоците на самата организација и на донаторите тоа треба да им биде сосема јасно и прифатливо. Дури и кога 100% од донацијата е директно пренасочена кон корисниците, тоа значи дека некој друг донатор/спонзор ги покрил трошоците за персоналот, за печатењето на списанието итн. Но, организацијата мора да се стреми да работи ефикасно за да го максимизира учинокот на донациите за да ја оправда довербата на донаторите. Еден негативен пример фрла сомнеж врз довербата во сите приматели. Добар пример за транспарентност е Центарот за медиумски активности кој во магазинот „Лице в лице“ јавно ја објавува информацијата колку од средствата се директна заработка за продавачот и нуди директни приказни за постигнатите резултати.

Примателите на донациите се клучната алка и тие треба да ја понесат најголемата одговорност во градењето на довербата. Ние сме тие на кои ни` е доверена донацијата и ние мораме да осигураме дека ќе ги исполниме барањата и очекувањата на донаторите. Примателите мора да се крајно транспарентни и отчетни за начинот на којшто ги прибираат средствата и што направиле со донациите. 

Иако донаторите даваат на доверба, тие не би требало да бидат само пасивни играчи кои ќе го одврзат ќесето кога некој ќе им побара, а тие ќе се сожалат. Донирањето е активен процес кој бара барем малку размислување и планирање каде сакате да донирате, но и следење на тоа што се случува со вашата донација и кои се ефектите од неа. Барајте информации, распрашајте се, па потоа одлучете дали и кому ќе дадете донација. На тој начин ги учите и примателите да бидат потранспарентни и одговорни. И не се обесхрабрувајте доколку некогаш мислите дека некој ве „прелажал“.  Да направам паралела со секојдневниот живот. Кога одиме прв пат на пазар да купиме лубеница, разгледуваме на повеќе тезги, ги удираме лубениците, бараме да ни пресечат парче, се распрашуваме за цените. На крајот се одлучуваме иако не сме до крај сигурни дека сме ја одбрале најзрелата лубеница. Ако се погоди лубеницата, и друг пат ќе одиме да купиме кај истиот продавач бидејќи имаме доверба дека ќе ни даде добра лубеница. Ако се погодила зелена, да, ќе бидеме разочарани и ќе се чувствуваме изиграни од продавачот (можеби дури и ќе се вратиме да се жалиме). Но, нема да се откажеме од јадењето лубеница. Едноставно, ќе побараме друг продавач. На ист начин третирајте ги и вашите донации. Не се откажувајте од донирањето! Само обидете се да си ги најдете примателите во кои имате доверба. Конект им помага на сите кои сакаат да донираат да идентификуваат доверливи здруженија и да добијат подетални информации за организациите во кои се заинтересирани да донираат.

Институциите можат значително да придонесат во развивањето на филантропијата. Но, нивната улога не е да ги контролираат донациите, туку да ги поттикнуваат. Во гореспоменатиот случај, Министерството нема ингеренција ниту треба да интервенира во начинот на кој граѓанската организација прибира средства (доколку е во законски рамки). Начинот на кој државите најчесто делуваат е преку даночните бенефиции за оние кои донираат и преку стимулативни даноци за граѓанските организации. Кај нас во сила е Законот за донации и спонзорства во јавните дејности којшто иако обезбедува одредени даночни бенефиции за донаторите, за жал преку поставените процедури и системот на контрола укажува на недоверба на институциите во концептот на донирање. Законот мора да се измени на начин кој ќе ги поттикне граѓаните и фирмите да донираат повеќе за поширок јавен интерес и притоа на едноставен начин да може да ги ползуваат даночните бенефиции. Наместо донаторите да се оптеретуваат со дополнителна документација и проверка, контролата треба да се насочи кон примателите кои се одговорни за исполнување на јавниот интерес со дадената донација. На тој начин, државата ќе прати јасен сигнал дека во граѓаните, фирмите и граѓанските организации гледа партнер за долгорочното решавање на општествените проблеми.

Пишува: м-р Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект

даночни бенефиции

Илустрација: Лице в лице

Share and Enjoy