Одржан првиот Донаторски кружок во Македонија

За прв пат во Македонија во организација на Конект беше одржан Донаторски кружок – филантропски настан наменет за индивидуалните филантропи кои сакаат своите донации да ги насочат во граѓански организации.

Конект 10 години работи на поттикнување на филантропијата и се стреми да биде клучната алка за поврзување на донаторите со граѓанскиот сектор за создавање на позитивно влијание во општеството. Во јубилејната година од своето постоење Конект го формираше Донаторскиот кружок како платформа за поттикнување на индивидуалната филантропија. Веруваме во силни и одржливи граѓански организации што се потпираат на локални извори на финансирање и ги мобилизираат граѓаните и компаниите за поддршка. Затоа, преку Донаторскиот кружок градиме инфраструктура за поддршка што ќе им овозможи на граѓаните да донираат плански и обмислено во организации од доверба што посветено работат на решавање на општествените проблеми.

За првиот Донаторски кружок, Конект и Иницијативниот одбор ги одбраа организациите Отворете ги прозорците, ХОПС и Вилсон Македонија кои веќе ја имаат добиено довербата од своите постојани донатори, а се стекнаа и со довербата на околу сто нови донатори кои беа дел од Донаторскиот кружок.

Настанот покажа дека средствата кои секој индивидуалец може да ги издвои како донацијата претставуваат моќна алатка кога заеднички се насочуваат. Здружените донации помагаат во вистинско решавање на проблемите, а не само во санација на горливите прашања во општеството. Благодарение на здружените донации беше постигната целта на Донаторскиот кружок – беа собрани по 100 илјади денари за секоја од организациите. Со овие средства тие ќе го унапредат и подобрат животот на нивните корисници.

Конект верува дека преку обмислено и планско донирање предизвиците можат да бидат претворени во решенија. Затоа на Донаторските кружоци ќе бидат претставувани граѓански организации кои најдобро ги познаваат комплексните општествени услови и кои се специјализирани за одредени општествени појави. Сигурни сме дека преку секојдневно вложување во граѓанските организации ефектите од нивната работа на долг рок ќе бидат позитивни за сите.

Конект во следниов период ќе потпише договор за донација со организациите и ќе го следи нивното работење, а со донаторите ќе одржува редовна комуникација и ќе ги информира за реализацијата на нивната донација.

Донаторските кружоци е планирано да се одржуваат два пати годишно и на секој настан да се претставуваат две или три граѓански организации кои се транспарентни и посветени на својата мисија.

До одржувањето на следниот Донаторски кружок сите заинтересирани донатори можат да побараат совет директно во Конект или на konekt@konekt.org.mk за тоа каде паметно да ја вложат својата донација.

Конект е корисник на институционален грант од Цивика Мобилитас.