Конект ја додели Ознаката за доверба на пет граѓански организации

 

Петте граѓански организации: Здружение „ХОПС – Опции за здрав живот“ – Скопје, Здружение за асистивна технологија „Отворете ги прозорците”, Здружение еколошко друштво „Планетум“, Сојуз на извидниците на Македонија и Фондација за културни и образовни иницијативи „Чекор по чекор“ се стекнаа со Ознака за доверба.

Оваа ознака претставува саморегулирачки систем кој има цел на индивидуалните и на корпоративните донатори да им го олесни изборот на организации од доверба во коишто сакаат да донираат.

Граѓанските организации кои ја добија Ознаката за доверба успешно ја поминаа фазата на самооценување, а потоа Одборот на Ознаката за доверба изврши проверка на целата документација поврзана со работењето на организацијата. Одборот на Ознаката за доверба се состои од претставници на граѓанскиот сектор, на бизнис-секторот и од претставници на ревизорски куќи.

Принципите и критериумите што треба да ги исполнат граѓанските организации за да се  стекнат со Ознака за доверба се: мисијата, вредностите и целните групи и корисници да бидат јасно дефинирани и јавно достапни; организацијата да дејствува со чувство на одговорност и нејзината мисија да е во основата на нејзините  активности, да ги рефлектира  вредностите и заштитата на интересите на донаторите, на засегнатите страни и на јавноста и да дејствува во согласност со законот и превентивно да го осигурува својот интегритет.

Ознаката за доверба се добива за период од три години. По истекот на овој период организацијата ќе треба да го обнови процесот на аплицирање. Организациите кои ја имаат Ознаката за доверба можат да ја користат за сопствена промоција на своите веб-страници, на промотивните материјали и во комуникацијата со донаторите.

Придобивки од поседувањето Oзнака за доверба за граѓанските организации се: препознатливост во заедницата како доверлив партнер кој работи за јавниот интерес, зголемена транспарентност и отчетност на ГО, зголемена доверба кај локалните донатори кон организацијата, зголемена видливост на организацијата кај потенцијалните локални донатори, можност за олеснет пристап до локалните донатори и сопствена евалуација и унапредување на работењето.

За добивање Ознака за доверба можат да аплицираат организации коишто се регистрирани (правни лица – здруженија, фондации, сојузи и сл.), коишто активно работат најмалку една финансиска година и имаат свој статут, структура на управување, интерни документи за политики и процедури.

Секоја организација, без оглед на големината и областа на дејствување, може да се стекне со Ознаката за доверба доколку ги исполнува горенаведените услови.