Доделени грантовите од првиот јавен повик на проектот „Промени за одржливост“

Осум граѓански организации се одбрани за користење на грант од проектот Промени за одржливост финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Конект, Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика.

На првиот јавен повик беа примени 76 апликации. Од нив, по процес на детална проверка на секоја апликација, комисиска оценка и советување, беа селектирани осум граѓански организации што ќе користат грант во висина од 1 до 6 илјади евра. Вкупната висина на средства за сите грантисти изнесува 2.709.230 денари.

За типот на поддршка I – Проекти имплементирани со меѓу- секторско партнерство грантисти се: Здружение за заштита на природата и здравјето „Виножито“, Друштво за помош на лица со посебни потреби „Зрак“ Велес, Прв Скопски Извиднички Одред и Хуманитарно здружение за помош и поддршка на лица со посебни потреби „Бравура Кооператива“ Делчево.

За типот на поддршка II – Модели за локално прибирање ресурси за одржливост на иницијативите на ГО, грантисти се: Здружение за социјални иновации Асоцијација за развој на нови опции АРНО, Здружение за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, Здружение на граѓани „Културна ризница“ и Здружение на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци „Љубезност“ Скопје.

Конект верува во силни граѓански организации со потенцијал да се развиваат потпирајќи се на локални ресурси и капацитети. Преку грантовите, Конект поддржа иницијативи на ГО што ќе се реализираат и со дополнително учество од локалната заедница, а така ќе се промовираат и ќе се зајакнат партнерствата на ГО со другите сектори (бизнисите и локалните институции) и граѓаните.

Сите ГО кои беа пријавени на првиот јавен повик за доделување на грантови се охрабруваат да се пријават и на вториот јавен повик преку имплементација на забелешките на апликациите што ги добија. Покрај тоа, на вториот јавен повик ќе може да се пријави секоја граѓанска организација што ги исполнува критериумите:

  • Граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации;
  • Граѓански организации основани најмалку една година пред објавата на повикот. (Датум на основање на или пред 03.07.2017).

Посебно се охрабруваат помалите и „грас-рут“ организациите.

Детали за вториот јавен повик кој ќе биде објавен наскоро можете на следите на www.konekt.org.mk како и на социјалните мрежи на Конект, Центарот за даночна политика и Фондацијата Аполонија.

Средствата за грантови се обезбедени од Европската Унија.